Објавување на договорот со Бугарија сега, ќе го спречи потпишувањето на Илинден

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров вели дека во консултациите преку кои е дојдено до база за потпишување на договорот за добрососедство се користело африканското начело  „не те уништувам тебе за да не се уништам самиот“.



 

Тој сеуште не открива што содржи договорот во кој најспорни се заедничката историја, прослава на историски настани и херои, јазикот и правата на малцинствата. Димитров се плаши дека ако во оваа фаза договорот јавноста дознае што има во него може да има влијание на консултациите со Софија со што признава дека во предлог документот сеуште има контроверзни точки кои што се неприфатливи за голем дел од македонските граѓани.

 

Затоа бара уште време во кое ќе се расчистат сите прашања за да може двете страни горди и со подигнати глави да излезат од преговорите.

 

По средбата со германскиот државен секретар за европски прашања Михаел Рот Димитров изјави дека до објавување на неговата содржина  треба да се завршат неколку чекори.

 

,,Треба да се информира владата, треба да се разговара околу тоа, треба да се извршат и консултации со други политички актери во Р. Македонија и истото тоа треба да се направи и во Р. Бугарија. И затоа, согласно тоа… во секој случај јавноста ќе биде запознаена за сите детали од договорот. Меѓутоа, соопштувањето сега непрецизни формулации може да влијае на овие консултации. Она што можам да го кажам е дека и македонската страна и бугарската страна се раководеше од начелото, од една традиција што доаѓа од Африка: ,,Ако те уништам тебе, ќе се уништам и себе‘‘. Базата за компромис што ја постигнавме е добра основа да се потпише текст што и ние со горда и исправена глава ќе го потпишеме и Бугарија со горда и исправена глава ќе го потпише. И мислам дека двете делегации ги напуштија преговорите со чувство дека во рамките на околностите направивме максимум‘‘, изјави Димитров.

 

 

Предходно опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара владата и премиерот да го почитува принципот на консултации со другите политички фактори кога се во прашање на националните прашања. ВМРО – ДПМНЕ бара објавување на содржината на договорот што треба да се потпише на 2 август на Илинден во Македонија.

 

Масло на огнот кај македонската јавност последниве денови постојано долеваат бугарски политичари и експерти кои што триумфално најавуваат дека со договорот ќе се заштитат бугарските национални интереси во Македонија и ќе се стави крај на Македонизмот кој за Софија е вештачка творба.

Читај поврзана вест

По средбата со Димитров германскиот функционер Рот изјави дека спорот со Грција е лудило кое што никој во ЕУ не го разбира