Обвинители ,,поефикасни” од Сицилијанската мафија – Обвинител со кривични пријави до четворица колеги

Во Кривичната пријавата од вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи покрај државниот обвинител Љупчо Коцевски опфатени се и штипските обвинители Кацарова и Бојаџиски и Ермон Незири од Советот за јавни обвинители, пишува Плусинфо.



Од кривичната пријава на Љупчо Коцевски против вишиот обвинител Мустафа Хајрулахи, преку наредбата на штипската обвинителка Татјана Кацарова за поведување истрага без никакви докази, до суспендирањето на Хајрулахи, поминале само 11 дена, од кои 7 работни. Ваква ефикасна „егзекуција“ е за Гинисовата книга на рекорди. Но, Хајрулахи е цврсто решен тие што ги повредиле неговите права кривично да одговараат, пишува Бранко Героски.

Мустафа Хајрулахи, суспендираниот шеф на скопското Вишо јавно обвинителство, поднел кривична пријава против Љупчо Коцевски, Јавен обвинител на РСМ, против Татјана Кацарова, обвинител на Основното јавно обвинителство Штип, против Ристо Бојаџиски, виш јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Штип и против Ермон Незири, член на Советот на јавни обвинители на РСМ.

Вишиот обвинител Хајрулахи тврди дека пријавените сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од членот 353 став 1 во врска со членот 22 од Кривичниот законик.

Пријавениот Љупчо Коцески, како Јавен обвинител, на 31 октомври 2024 година доставил кривична пријава против Хајрулахи на надлежно постапување во ОЈО Штип. На 5 ноември 2024 година во ова Обвинителство е оформен предмет (КО бр. 452/24), кој го водел јавниот обвинител Татјана Кацарова.

Во исвестувањето доставено до шефот Коцевски, Кацарова навела дека „по спроведените истражни дејствија во јавното обвинителство, на 5 ноември 2024 година е донесена Наредба за спроведување на истражна постапка против Мустафа Хајрулахи од Скопје за кривично дело Малтретирање во вршење на служба од членот 143 во врска со членот 45 од КЗ“.

Хајрулахи во пријавата го поставува прашањето кои истражни дејствија ги презела обвинителката Татјана Кацарова, за да утврди основано сомневање дека пријавениот е можен сторител на кривичното дело кое е наведено во Наредбата за спроведување на истражна постапка. Во членот 39 од Законот за кривична постапка е наведено дека право и обврска на јавниот обвинител е да „пронаоѓа, предлага и да обезбедува докази, под услови и на начин определени со овој закон“. Во конкретниот случај, обвинителката Кацарова немала никакви докази, туку се потпрела само на кривична пријава непоткрепена со ниту еден материјален доказ.

Ваквата штура Наредба за спроведување истражна постапка против Мустафа Хајрулахи, без притоа да преземе било какво дејствие за да се поткрепат наводите од кривичната пријава, Кацарова ја доставува до Јавното обвинителство на РСМ. Таа Наредба му послужила на Љупчо Коцевски на 11 ноември 2024 година да донесе Одлука (Дов бр. 49/2024), со која јавниот обвинител Мустафа Хајрулахи го оддалечил од вршењето на функцијата јавен обвиител се до завршувањето на кривичната постапка која се води против него пред Обвинителството во Штип.

Интересно е дека од поднесувањето на кривичната поријава на Коцевски против Хајрулахи на 31 октомври, до Наредбата за поведување истрага на 5 ноември поминале само 5 дена, од кои само 3 дена биле работни. Од Наредбата за истрага до одлуката на Коцевски за суспендирање на Хајрулахи на 11 ноември поминале само 6 дена, од кои само 4 дена биле работни. Со други зборови, Хајрулахи е „егзекутиран“ за 11 дена, од кои 7 работни. Ваква ефикасност на Јавното обвинителство е за Гинисовата книга на рекорди, пишува Плусинфо.

Повеќе детали тука

Поврзана содржина

Има ли македонската Правосудна мафија свој силен бастион во Пелагонија

Се борат ли за функции преку судбина на четиригодишно дете – Пирова игра во Апелациониот суд во Битола