Против доскорашниот шеф на Вишото скопско обвинителство Мустафа Хајрулахи и вишиот обвинител Јован Цветановски ќе биде поведена дисциплинска постапка поради утврдено нестручно и несовесно работење, што го покажала ревизијата кое републичкото јавно обвинителство ја изврши врз Вишото обвинителство.
-Јавниот обвинител на Македонија ги разгледа записникот и конечниот извештај од извршениот надзор во Вишото јавно обвинителство Скопје, како и службените белешки во прилог, и врз основа на наодите за констатираните состојби одлучи до Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност на јавните обвинители да достави предлог за поведување дисциплинска постапка против јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје заради нестручно и несовесно работење во 4 предмети во кои се откажал од жалба или обвинение. Предлог за поведување дисциплинска постапка е поднесен и против Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје пред кого била реферирана и со чија согласност била донесена одлука во три од наведените предмети, како и поради констатираните неправилности во начинот на заведување на предметите во Вишото јавно обвинителство Скопје.
Иницирањето на дисциплинската постапка е уште една потврда за посветеноста на Јавниот обвинител на Македонија да овозможи ефикасен кривичен прогон на сторителите на кривични дела и да побара одговорност од јавните обвинители кои неоправдано ги одолговлекувале постапките или неоправдано се откажувале од кривично гонење.
Дополнителен чекор во оваа насока е и јакнењето на транспарентноста на Јавното обвинителство особено во постапките кои се однесуваат на кривични дела против корупцијата и се од особен јавен интерес. Со таа цел Јавното обвинителство веќе закажа брифинг за новинари на 11.12.2024 година на кој ќе присуствуваат сите јавни обвинители кои имаат во работа предмети од интерес на јавноста и на кој претставниците на медиумите ќе имаат можност директно да добијат информации од надлежните јавни обвинители за нивното постапување по конкретни предмети.
На ова коментираше обвинителот Цветановски за кого нема основ за дисциплинска одговорност.
Не знам ни за кои 4 предмети станува збор. Можам само да претпоставам. Извештајот никогаш не стигна до мене, ниту имав можност за дополнително објаснување. Ова е целосно незаконска постапка. Прво не е испочитуван рокот од 30 дена, во рамките на кој требаше да ни биде доставен извештајот по однос на надзорот за да можеме ние да одговориме на нивните забелешки. Ускратено ми е законското право да одговорам на наводите од извештајот. Незаконски е и составот на целата комисија, има судир на интереси. Одговорно тврдам дека не постојат основи за дисциплинска постапка – коментира Цветановски.
Тој смета дека согледувајќи како се одвиваат работите, „држи“ муабетот од вишиот јавен обвинител Хајрулахи дека целта на сето ова е да се направи притисок за случајот за бонусите на СЈО, предмет кој се наоѓа кај него.






