Обвинет „исламофобот“ кој газеше луѓе на божиќен саем

Германските власти го обвинија осомничениот за смртоносниот напад на божиќниот саем во градот Магдебург, во кој загинаа пет лица, а 200 беа повредени, за повеќекратни точки за убиство и обид за убиство, соопшти полицијата рано утринава.



Осомничениот, идентификуван како Талеб А., се соочува со пет точки од обвинението за убиство, повеќекратни обвиненија за обид за убиство и повеќе точки од обвинението за тежок напад и останува во притвор, соопшти полицијата.

Тој беше изведен пред судија во саботата вечерта.

Се вели дека осомничениот ги користел лентите за итни случаи и четиристотини метри возел низ толпата народ пред да застане со автомобилот и да биде уапсен.

Убиени се четири жени на возраст од 45, 52, 67 и 75 години, како и едно деветгодишно момче.

Инспекторите велат дека осомничениот делувал сам бидејќи, според нивните сознанија, нема индиции за втор сторител.

Талеб А. е 50-годишен лекар од Саудиска Арабија, бил познат како критичар на исламот.

На социјалните мрежи, тој изразувал антиисламски ставови и поддршка за екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD), тврдејќи дека германските власти не прават доволно за да се борат против исламизмот.