Ова на денешното сведочење за двојното убиство на Вања Ѓорчвска и велешанецот Панче Жежовски го изјави Музафер Калишиќ, кој на 27 ноември кога беше грабната и убиена 14-годишната Вања Ѓорчевска, бил помошник-началник на СВР Скопје за криминалистички работи и насилен криминал.



За свирепото убиство се обвинети Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Велибор Манев.

„Влатко Кешишев го пронајдеовме преку „рено кангу“ и разговаравме со него. Во чуден сплет на околности самиот почна да зборува дека е лош човек, дека е нечовек, наговестуваше нешто“, сведочеше Калишиќ.

„Во еден момент рече дека ќе ме однесе мене на едно место, да ми покаже нешто, бараше да одиме сами не сакаше да одиме со другите началници, сакаше јас и тој сами, ми рече „ако дознае Палчо ќе ме убие“, пренесува Плусинфо.

…Се предомислуваше дали да каже, дали не. Па во еден момент рече „ајде ќе ве однесам, има еден црн пат“. Возевме по негови насоки, се качивме едно 200-300 метри, рече „излезете“. Тоа беше еден широк простор. Сакаше да каже, па рече, „не можам, не можам“, па пак тргна накај возилото, па сакаше само со мене да разговара, па рече „ајде, нека биде“, и со главата ми посочи кон расфрлени перници и душеци. Дури и со рака не сакаше да покаже, покажуваше со главата кон перниците. Велеше „јас стоев на страна“.

Ги тргнавме перниците, тој рече „тука е девојчето кое го барате“. Откопувавме додека не ѝ се видоа носот, веѓата и едната нога и престанавме. Прашавме кој, рече „Палчо, ја земаа и тука ја фрлија, а јас бев на страна“.

За Боре дознавме исто од Кешишев, тој рече „Боре каратисот“ беше во „цитроенот“, сведочеше  Калишиќ.

Кешишов им покажал на полицајците и каде се фрлени лопатите.

Адвокатот на Кешишев го праша Калишиќ зошто обвинетиот Влатко бил исплашен од колегите на началникот на што одговорот беше: „Не знам, имаше чувство на страв, не знам зошто конкретно“.

На прашањето дали имало траги од физичко малтретирање кај Кешишев, Каишиќ рече „не“.

Кога бил приведен Кешишев, со него биле уште две лица, кои биле задржани во полиција 6 часа. Една од нив била сопственичката на возилото „рено“.

Адвокатот на Љупчо Палевски Палчо го праша началникот Каишиќ дали е најден пиштолот.

„Не“,  одговори Каишиќ и додаде дека тој лично не проверил дали некој од обвинетите имал дозвола за носење оружје.

Тој додаде дека секој има свои обврски во полицијата и мисли дека неговите колеги направиле парафинска ракавица.