Норвешкиот премиер Јонас Гар Стура изјави дека неговата земја донела одлука официјално да ја признае Палестина како држава.



Одлуката стапува на сила на 28 мај, објави АП.

„Не може да има мир на Блискиот Исток доколку не дојде до признавање“, рече Гар Стура, додавајќи дека „Палестина има основно право на независна држава“.

Норвешка, која не е членка на Европската унија, но најмногу ги следи одлуките на Брисел, долго време го поддржува решението со две држави, Израел и Палестина.

Признавање на правото на Палестинците да имаат своја држава најавија и Ирска и Шпанија.

Досега Палестина ја признаа 143 држави од 193 членки на Обединетите нации. Само осум од 27-те членки на ЕУ – Полска, Бугарија, Унгарија, Чешка, Романија, Словачка, Шведска и Кипар – ја поддржуваат Палестина како држава.

Норвешка е и првата европска земја која соопшти дека ќе го уапси израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху доколку Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог по него.

Норвешкиот министер за надворешни работи Еспен Барт Ејде за норвешката ТВ 2 изјави дека, врз основа на меѓународното право, Норвешка е должна да го уапси Нетанјаху и лидерите на Хамас.