„Нож во грб за Борисов“ од Скопје

Бугарските коментатори како нож во грб од македонските власти за бугарскиот премиер Борисов ги објаснуваат контактите меѓу српските, македонските и грчките власти поврзани со водената рута која што треба да ја поврзува Европа со Кина преку Србија, Македонија и Грција.



Иако овој проект е сеуште во фаза на прелиминарни разговори и не е сигурно дека ќе започне да се спроведува, дел од медиумите во Бугарија пишуваат текстови со наслов „ЕУ и Кина поврзани, Бугарија аут“, или „Зад грбот на Борисов Грција, Македонија и Србија го поврзуваат Средоземно море со Дунав“.

Целта на овој проект е да го поврзе Средоземното море со Централна Европа и земјите низ кои тече најголемата европска река Дунав со цел најбрзо и најефтино кинеските стоки да дојдат на стариот континент.
Грандиозниот проект кој што прелиминарно чини 17 милијарди евра и кој треба да го финансираат Кина и европски банки треба да донесе огромен профит за земјите низ кои ќе минува но засега нема никакви конкретни најави дека проектот во кој Солун ќе стане едно од главните европски пристаништа може да стане реалност.
Според бугарските аналитичари во проектот личен интерес има Грчкиот премиер Ципрас кој што сака да биде запаметен како главен актер во изградбата на оваа водена рута. Проектот ги опфаќа реките Дунав, Морава и Вардар а балканскиот канал треба да биде долг 650 километри.
Најсложениот дел од каналот е границата меѓу Србија и Македонија каде што ќе треба да се ископа нов канал во должина од 30 километри со кој ќе се поврзат Морава и Вардар.
Проблем е и рутата во Скопје каде што најверојатно ќе мора да се гради водна заобиколница поради големиот број мостови и плитката вода на Вардар.
Меѓународниот конзорциум кој што годинава го купи Солунското пристаниште најави дека ќе отвори свои филијални во Бугарија и Македонија и дека ќе го зголеми обемот на транспорт на стоки во Европа преку своите капацитети.