Според оценка на организацијата „Фридом хаус“ од Вашингтон Македонија заостанува во реформите и назадува во владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Во најновиот најновиот извештај „Државите во транзиција 2024″ Македонија е „цикличен хибрид“.
Според „Фридом хаус“, карактеристика на цикличните хибриди е комбинација на вистински политички плурализам и површни институционални промени.
„Тие имаат тенденција да заостануваат во однос на реформите насочени кон воспоставување силни бариери помеѓу јавниот сервис и приватната добивка. Затоа е од суштинско значење да се промовираат антикорупциски механизми и судски реформи во овие земји, а процесот на пристапување во ЕУ има важна улога во овој поглед“, се дообјаснува во извештајот.
Главната забелешка за Македонија во извештајот е дека земјата покажува назадување во владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Во извештајот се предупредува на долготрајната корупција на високо ниво, а го забележува и судирот на партиите околу уставните амандмани потребни поради бугарското вето за пристапување на земјата во Европската Унија.
„За разлика од Украина или Молдавија, С. Македонија не презеде значајни чекори за елиминирање на корумпираните мрежи на дејствување, а моќта продолжи да осцилира меѓу коалициите на неколку партии“, се вели во извештајот.
Надежите за резултати во делот на владеењето на правото и борбата против организираниот криминал, пишува „Фридом хаус“, се појавиле по симнувањето од власт на антидемократскиот премиер Никола Груевски и тие допрва треба да се остварат.
„Ниту Груевски ниту неговите најблиски соработници не беа изведени пред лицето на правдата за нивните злоупотреби на функцијата пред 2017 година. Уште полошо, со контроверзните измени на Кривичниот законик во 2023 година се намалија казните за таквите злоупотреби предизвикувајќи да бидат отфрлени знаменити случаи, додека јавноста веќе се оптоваруваше од фатални корупциски скандали во здравствениот сектор“, оценува „Фридом хаус“
Од Вашингтон забележуваат и дека националистичката партија на Груевски ја опструирала работата на парламентот додека била во опозиција и дека сега е фаворит за победа на претседателските и парламентарните избори во 2024 година.
Се наведува и дека годината беше обележана и со поларизирачка парламентарна дебата за уставните амандмани потребни за отстранување на ветото на Бугарија за кандидатурата на земјата за пристап во ЕУ.
Македонија назадувала во демократијата покажува анализата на оценувани категории каде нема промени во оценката за пет – национално демократско владеење, изборен процес, граѓанско општество, независни медиуми и локално демократско владеење.
Падот е забележан во две категории – судска рамка и независност, и корупција.
Земјите се оценуваат со оценка од 1 (авторитарен режим) до 7 (консолидирана демократија).
„Рејтингот за судска рамка и независност е намален од 3,25 на 3,00 поради лошото работење на Државниот судски совет и наводите за непотизам при именувањата на обвинители и судии. Дополнително, назначувањето на нови обвинители и судии со семејни врски со истакнати политичари ги зацврсти перцепциите на јавноста за непотизам во судството“, се вели во анализата.
Се додава и дека рејтингот за корупција се намалил од 3,25 на 3,00 поради голем број наводи за корупција против високи функционери, како и поради измените во Кривичниот законик со кои се намалија казните за корупција и доведоа до отпуштање на случаи против поранешни и сегашни владини функционери.
Збирната оценка за демократија на Македонија се намалил од 3,86 на 3,79. Процентот на демократија изнесува 46,43 проценти.
Во извештајот „Државите во транзиција“, во кој се вклучени 29 земји, се наведува дека регионот на Западен Балкан е одговорен за многу загрижувачки настани и дека регионалната безбедност е изговор за многу политички лидери да ги поткопаат демократските институции и да ги занемарат демократските норми.
Фото: ПС Фридом Хаус






