Скопската Зоолошка градина информира дека една лама, и покрај сите напори за лекување и терапија во соработка со Факултетот за ветеринарна медицина угинала. Било направено сѐ од медицински аспект и грижа, но резултатите покажале туберколоза во процес постар од пет години.
- „Обдукцијата и резултатите (со ПЦР-метода) кај оваа лама покажаа туберкулоза во процес постар од пет години. За оваа болест кај животните нема лек, ниту постои вакцина, а често и со години заболените единки не покажуваат никакви симптоми“, велат од ЗОО Скопје и додаваат:
- „Во соработка и советување со АХВ (Агенцијата за храна и ветерина) направени се туберкулински тестови на сите лами и секојдневно се следи нивната ситуација и се под медицински надзор. Ламите се домашни животни од фамилијата камили, кои потекнуваат од Јужна Америка“.

Како се лекувани овие животни и кој ги лекувал? Дали патолошкиот наод и истрагата ќе покажат повеќе? Подолго време апелирам дека во Скопје ЗОО нема стручен ветеринар, а ветеринарот е лице кое, до пред една година, било аниматор за детски родендени. Не го оспорувам неговото образование, но сомневам во неговото искуство, а по се што се случи, и сите се сомневаме, посочува Кирков.
Од ЗОО Скопје одговорија на овие критики, истакнувајќи дека сите животни кои имаат здравствени проблеми се лекуваат во соработка со Факултетот за ветеринарна медицина. Дополнително, од ЗОО Скопје информираа дека во 2024 година се родени 33 животни, а 15 животни починале, од кои голем дел биле во длабока старост. Во ЗОО Скопје моментално има околу 500 животни од 85 различни видови.





