Федералното истражно биро (ФБИ) соопшти дека поранешниот американски претседател и актуелен кандидат за претстојните избори во ноември Доналд Трамп бил предмет на „очигледен обид за убиство“ во неговиот голф клуб во Флорида.
Тајната служба го одведе на безбедно, откако агенти отворија оган врз сомнително лице забележано со нешто што изгледало како цевка од пиштол додека екпретседателот бил на својот терен за голф во Вест Палм Бич, наведоа извори од полицијата за „Њујорк пост“.
АП објави дека пушка слична на „калашников“ била пронајдена во близина на теренот за голф.
Сè уште не е познато дали мажот бил на теренот за голф или во близина на теренот. Еден од агентите отворил оган и пукал неколку пати. Мажот подоцна бил уапсен од локалната полиција на автопатот I-95.
Засега не е познат мотивот на уапсениот. Голф клубот во Вест Палм Бич е на околу осум километри од Мар-а-Лаго, кој Трамп го нарече „зимска Бела куќа“.
„Имаше пукање во моја близина, но пред гласиштата да излезат од контрола, сакав прво да го слушнете ова: безбеден сум и добро сум. Ништо нема да ме забави. Никогаш нема да се откажам“, ги цитира Фокс њуз зборовите на Трамп по инцидентот.
Потпретседателката на САД и демократска кандидатка на изборите, Камала Харис, изјави дека била информирана за немилиот настан.
Пукањето доаѓа околу два месеца откако Томас Метју Крукс стрелаше со пушка во Трамп на митинг во Батлер, Пенсилванија, на 13 јули, при што му го повреди увото.