Кошаркарите на МЗТ Скопје попладнево ќе имаат ново гостинско искушение во Јадранската лига, но мечот со Партизан не содржи императиви бидејќи по седум едно по друго порази или девет вкупно во сезоната од македонскиот првак не може и не треба да се бара ништо особено при ова патување. Во исто време растоварен од притисоци и со многу новаци, и на теренот и на клупата, МЗТ Скопје може и да изненади кај поранешниот европски првак, особено што и тој е во исклучително лош период со премногу порази и со свежа смена на тренерската позиција.
Дуелот во Белград кој е реванш на средбата одиграна во септември во Скопје, кога МЗТ го победи Партизан со 92-89 започнува во 19 часот и е единствен денеска во Јадранската лига.