Во близина на битолското село Црнобуки археолозите открија остатоци од одамна изгубен антички град. Артефактите пронајдени на локацијата го датираат градот од времето на животот на Александар Велики, иако некои експерти сугерираат дека луѓето можеби ја окупирале областа уште во бронзеното доба. Античкиот град можеби е изгубениот главен град Линкус – родното место на Евридика, бабата на Александар Македонски.
Пред ова откритие археолошкиот локалитет Градиште беше означен како воена станица од 3 век п.н.е. во времето на кралот Филип V. Но последните откритија на заедничкиот истражувачки тим на НУ Заводот и музеј-Битола и Државниот политехнички универзитет во Калифорнија, Хумболт (Кал Поли Хумболт) открија многу подлабока историја.
Овие истражувања почнаа со употребата на Лидар радарот чии сигнали продираат длабоко во земјата. Првите ископувања покажуваат дека тука имало жив урбан центар од бронзеното доба (околу 3.300–1.200 п.н.е.). Тука досега се пронајдени камени секири, фрагменти од керамика, алатки за обработка на текстил, па дури и фрагмент од глинена карта за театар – предмети што укажуваат на богато, софистицирано општество.

Првите наоди беа регистрирани пред 15 години и местото било идентификувано како утврдување изградено од кралот Филип V Македонски за одбрана од Рим. Но, резултатите од скенирањето со Лидар открија цел град под земја. Меѓу откритијата се наоѓаат монети од времето на Александар Велики, што ја поместува хронологијата на градот наназад до 325–323 година п.н.е.

Пронајдените предмети укажуваат на богато, софистицирано општество. Само акрополата се простира на површина од околу 28.000 квадратни метри.
Професорот по антропологија и археолог од Кал Поли Хумболт Ник Ангелоф сугерира дека градот можеби бил изгубената престолнина на кралството Линкус и можно родно место на кралицата Евридика I, бабата на Александар Велики. Откритието фрла ново светло врз комплексните мрежи на моќ и трговија во античка Македонија.

„Ова е откритие кое се случува еднаш во животот. Тоа ги истакнува сложените мрежи и структурите на моќ на античка Македонија, особено со оглед на локацијата на градот долж трговските патишта до Константинопол. Дури е можно историските личности како Октавијан и Агрипа да поминале низ областа на нивниот пат да се спротивстават на Клеопатра и Марк Антониј во битката кај Акциум“, додаде Ангелоф.
Целиот текст прочитајте го тука.





