Струшкото основното јавно обвинителство поднело два обвинителни предлози против актуелниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко, поради незаконско вработување и именување на директори во училишта на територијата на општината – пренесе порталот 360.
Како што соопштија попладнево од Јавното обвинителство на република Северна Македонија, обвинителните предлози се однесуваат на кривичните дела несовесно работење во службата според член 353-в од Кривичниот законик (КЗ) и продолжено кривично дело фалсификување исправа според член 378 од КЗ.
Во првиот случај, за кој е поднесен обвинителен предлог, поради што предметот ќе оди во скратена постапка, обвинети се вкупно четири лица. Првообвинета е наставничка по француски јазик во основно училиште во Велешта која се товари дека употребила три лажни јавни исправи за полагање стручен испит во Државниот испитен центар.
Преостанатите тројца обвинети се струшкиот градоначалник Мерко, како и директор и помошник-директор во училиштето кои ги прифатиле фалсификуваните документи и ја вработиле провообвинетата како наставник, која подоцна била назначена и за в.д. директор на училиштето.
„Останатите тројца – градоначалник на општина Струга, директор и помошник-директор на училиштето ги прифатиле фалсификуваните документи во постапката за полагање стручен испит, вработување како наставник, но и за назначување на првоосомничената за в.д. директор на училиштето во периодот од 19.04.2022 до 06.09.2023 година“, се наведува во соопштението на републичкото Јавно обвинителство.
Во вториот предмет, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко е единствен обвинет.
Се товари за несовесно работење во службата, според член 353-в од КЗ, бидејќи донел решение со кое за в.д. директор на основно училиште во селото Подгорци именувал лице што не ги исполнувало условите. Конкретно, како што наведуваат од Обвинителството, лицето немало работно искуство од најмалку пет години во воспитно-образовна работа, како што предвидува Законот за основно образование.
„Иако не ги исполнувало условите, лицето ја извршувало директорската функција во периодот од 11.11.2022 до 25.04.2023 година“, информираат од Јавното обвинителството.
За нешто повеќе од два месеца против актуелниот струшки градоначалник се поднесени четири обвиненија, вклучувајќи ги и двете за кои денеска информира Јавното обвинителство.





