„Историчарите и други експерти реагираат во врска со фалсификатот во книгата ‘Скопје, самата историја на Косово’. Според нив, немаат никаква ниту вистинитост, ниту научноистражувачка основа искажувањата дека Битола, Јанина и Скопје, седишта на Битолскиот, Јанискиот и Скопскиот вилает, биле најважни албански политичко-административни центри. Таквата политикантска констатација е чист фалсификат и има елементи на антидржавни, па и противуставни однесувања. Во ситуација кога некој однадвор се обидува да ја менува македонската историја, како нација дозволуваме и одвнатре да ни се ревидира историјата. Соговорниците предупредуваат дека институциите треба да ги спречат сите вакви внатрешни фалсификувања и ревидирања на македонската историја, заради заштита на уставниот поредок, на државата и нацијата.“ – се нагласува во анализата со наслов „Скопје било еден од трите главни албански политичко-административни центри!?“, објавена во весникот „Нова Македонија“.
Да запрат објавувањата на историските фалсификати и нивното финансирање од институциите во Македонија и да ставиме конечно точка на притисоците за ревизија на нашата национална историја
Повеќемина аналитичари и експерти нагласуваат дека великоалбанизмот се одликува со тенденции за албанска територијална, етничка и идејна хомогеност и оти припадниците на албанскиот народ во неколку балкански држави, вклучувајќи и во Република Македонија, се наоѓаат во „сесловенско ропство“. Овие белези на великоалбанизмот може да се забележат и во книгата „Скопје, самата историја на Косово (Извештаи на италијански дипломати)“ од авторите Скендер Асани, Мехмет Приштина и Алберт Рамај (Едс), објавена од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците-Скопје.
Мехмет Приштина, еден од авторите, вели дека оваа книга има документи и докази за албанско Скопје (албанскиот карактер на Скопје). Истиот автор порачува дека важноста на оваа книга лежи во тоа што ја отсликува историската, демографската и просторната реалност како од стратегиски аспект на градот Скопје така и од аспект на „бугарско-македонскиот проблем што останува во границите на нова Албанија“. Споменатите автори без да водат сметка за историската реалност се обидуваат да го ревидираат минатото. Конкретно во книгата „Скопје, самата историја на Косово (Извештаи на италијански дипломати)“ се наведува дека Скопје, заедно со двата политичко-административни центри Битола и Јанина, е еден од најважните албански политичко-административни центри.
Според нашите соговорници, оваа констатација е далеку од точна, затоа што при и административната поделба Османлиите не воделе сметка за етничката компактност, туку, напротив, се стремеле кон што поголема етничка и религиозна поделеност, за полесно управување со провинциите, велат нашите соговорници. Во секој случај, според соговорниците, повеќе реномирани универзитетски професори, со книгата „Скопје, самата историја на Косово (Извештаи на италијански дипломати)“ флагрантно се фалсификува македонската национална историја. Како што издвојуваат соговорниците, ваквите антидржавни проекти се финансираат од буџетот на државата?!





