Владите во Македонија и Грција во последно време покажаа дека сакаат да најдат решение за спорот за името, изјавил посредникот Метју Нимиц во интервју за грчката државна телевизија ЕРТ.
Во спорот за името Македонија, специјалниот посредник на ОН, Метју Нимиц гледа напредок, пренесува германската новинска агенција ДПА.
Нимиц во интервју за грчката државна телевизија ЕРТ изјави дека во последно време владите на двете земји покажале дека сакаат да изнајдат решение за спорот.
Медијаторот потврдил дека следната рунда преговори ќе се одржи на 17 јануари но не дал никакви детали за разговорите што ќе се случат во Њујорк.
Како што јавува ДПА, дипломати во Атина денеска поаѓаат од тоа дека посредникот на ОН би можел да го предложи името „Нова Македонија“.
ДПА уште потсетува дека на интервјуто на Нимиц за ЕРТ и на средбата во Њујорк им претходел состанок на министрите за надворешни работи на двете земји, кој се одржа во Солун на 11 јануари на кој министрите Димитров и Коѕијас се договориле поинтензивно да работат на решавање на спорот за името Македонија.






