Во наредниот период од Скопје директно ќе се лета за Барселона, Дубаи, Лион и Штутгарт, додека пак од охридскиот аеродром директно ќе се лета за Базел и до Истанбул на новиот главен аеродром, за што веќе се продаваат авионски карти од Сиднеј, Вашингтон и од Торонто за Охрид, соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител.
Покрај овие шест, Николоски вечерва најави уште четири нови авионски линии од македонските аеродроми.
“Ќе се лета од Скопје за Амстердам, од Скопје за Париз, и тоа до најблискиот аеродром до центарот – аеродромот “Орли”, имаме најава од “Катар Ерлајнс” дека ќе отворат најмалку една дестинација и многу интензивно работиме Скопје да стане само третиот главен град на Балканот од каде што ќе има прекуокеански летови. Во моментов прекуокеански летови има од аеродромот од Истанбул и аеродромот во Белград, а нашата цел е Скопје да биде третиот град од каде што ќе се лета прекуокеански”, истакна министерот Николоски.
Тој исто така најави и целосна реконструкција на терминалната зграда на охридскиот аеродром што ќе се реализира во следните неколку месеци, објект кој не е реконструиран откако е изграден.






