Доцна попладнево и вечерва, ден недела 12 јануари, некои наши викендаши и „опасни“ скијачи, како и многу наши „домаќини“ кои токму овој викенд решиле да ги посетат своите „родни огништа“ по нашите преубави села, најверојатно ќе заглават по патиштата.
Или, како што тоа се нарекува во медиумите секогаш желни пo возбуди, ќе останат „завеани“ на патиштата. Ќе има застои, километарски колони, на Фејсбук и на Инстаграм ќе фрчат фотки и критики за „одговорните“.
Драмите некако ќе завршат, а за екстремните случаи тука е ЦУК на чело со семоќниот Стојанче, за да ги спаси и да ги евакуира „унесреќените“. Па колку чини, нека чини…
Во меѓувреме, сите ќе ги обвинуваме екипите на „Македонија пат“ и сите други „надлежни“ и ќе им се потсмеваме дека снегот – пак, по кој знае кој пат! – ги изненадил.
И безмалку никој нема да се осмели на нештата да погледне од еден друг агол. Никој нема да го постави прашањето дали можеби за она што ни се случува има вина и кај нас, обичните и „ненадлежни“ граѓани. Никој нема да помисли дека некои драми се последица на нашата неинформираност и на нашите неодговорни одлуки и фриволно поведение.
А за тоа треба да разговараме. И тоа мошне сериозно. Додека не се случи некоја драма да заврши навистина трагично…
Дебатата за вистински надлежните, за вистински одговорните и за тоа кого навистина овој пат „изненадил“ снегот, мора да почне од едноставниот факт дека речиси секој од нас располага со паметен телефон. Се разбира, тоа не значи дека секој од нас е доволно паметен да ги користи огромните предности на таа справа, но овде сепак не зборуваме за користење вештачка интелигенција, сложени апликации и слично.
Зошто е ова важно? Затоа што сите знаеме дека не постои паметен телефон без вградена апликација за временска прогноза, која најчесто точно, прецизно и навреме ги најавува сите промени на временската ситуација.
Снегот што „изненади“ овој викенд не беше никакво изненадување. Беше најавен уште во почетокот на седмицата што изминува. И тоа од повеќе релевантни извори. Пред три дена за тоа извести и Управата за хидрометеоролошки работи, а сите медиуми ја пренесоа таа информација. Уште во петокот вечерта секој паметен човек на својот паметен телефон можеше да види во кој ден и прецизно во колку часот ќе паѓа снег во неговото место. Скопјани, на пример, знаеја дека во нивниот град после долго време ќе падне снег точно в недела на 12 јануари, а знаеја и дека ќе почне да снежи околу 1 часот по полноќ. Така и се случи.
Сите паметни, возрасни и одговорни луѓе можеле да се информираат и биле должни внимателно да го испланираат своето движење за време на викендот. Во вакви услови, тие што не мора, не треба да патуваат никаде, а особено не во оние места до кои обично тешко се стасува во снежни услови.
Никој не смеел да си дозволи да остане „завеан“ на патиштата. Треба да се бара одговорност од луѓето кои дозволиле неколку деца да останат завеани во некое кочанско село, за потоа ЦУК и Стојанче да мора се погрижат да ги спасуваат со теренски возила и да ги вратат дома кај нивните родители. Да сум јас Стојанче, сега на родителите би им доставил мрсни фактури, па самите да го платат спасувањето на нивните деца.
Целата колумна на Бранко Героски на следниот линк:





