Потрошувачите ја очекуваат пресметката за новата цена на струјата која треба да се применува од први јануари. Дел од енергетските компании побараа да им бидат признаени повисоки трошоци, но од регулаторна велат дека таквите високи барања кои влегуваат во финалната пресметка не биле никогаш прифатливи и не се ни сега.
МЕМО побара покачување на трошоците за речиси 80 отсто, МЕПСО околу 50 отсто но, цената судејќи по досегашната пракса најмногу ќе зависи од понудата што ќе ја достави ЕСМ до универзалниот снабдувач на тендерот кој ќе биде објавен следната недела.
-Никогаш за РКЕ не биле прифатливи вакви високи барања така да ги гледаме пресметките но тоа нема да се случи во секој случај. Она што го гледаме сега како факт е дека голем број на мали потрошувачи се вратиле назад на слободниот пазар на електрична енергија што прави одредени притисоци на цената на електричната енергија. За другиот дел не би сакал да шпекулирам бидејќи немаме податоци на цените по кои што ќе се купуваат загубите на струја и кај мепсо и кај електродистрибуција а дополнително и тендерот на универзалниот снабдувач ќе биде следната недела, вели претседател на РКЕ, Марко Бислимовски.
Покачување на цената на струјата не очекува ни Владата.
Нема да бидам измамник како што беше минатата влада, да кажувам дека Владата ги субвенционира сметките на граѓаните. Тоа не го прави. Ние сме Влада која според Уставот е должна да се грижи за социјалниот мир. Ние не сме феудална Влада, туку Влада која треба да се грижи за стандардот на граѓаните и затоа нема да ги лажам граѓаните дека и покрај тоа што на берзите цената на струјата е 100, 200, 300 евра за мегават час, а тука граѓаните ја плаќаат помалку од 60 евра, дека ние субвенционираме. Не, ние работиме заедно со граѓаните зашто се грижиме за социјалниот карактер на државата и од тие причини не очекувам дека ќе има поскапување на струјата. Сепак, секогаш РКЕ е таа што го има последниот збор“, истакна Мицкоски.
При последната пресметка во јули власта не дозволи ценовен шок со измените на законот за енергетика со кои на универзалниот снабдувач ЕВН им беше продолжена лиценцата наместо да отвораат посебна фирма.
Извор: https://alfa.mk/bislimovski-protiv-visokite-barana-od-energetskite-kompanii-za-czenata-na-strujata/





