Македонскиот народ се обедини како никогаш. Старо, младо, машко и женско на нозе се крена против ракометната неправда на натпреварот на машката репрезентација против Холандија на Светското првенство.
Нема љубител на ракометот во Македонија без осуда за скандалозното судење на Данците Мадс Хансен и Јеспер Мадсен, кои во безмалку сите 60 минути му беа ветер во грбот на фаворитот во Вараждин. Најдобрата судиска двојка од најсилната ракометна нација во светот во моментов буквално го навлече гневот на сите што макар и површно ги разбираат правилата на ракометната игра.
Дванаесетте седмерци за „лалињата“, од кои дури девет во второто полувреме кога се кршеше резултатот, наспроти само петте за „црвено-жолтите“, двата директни црвени картона за Македонците наспроти едниот за Холанѓаните, и тоа поради три исклучувања по две минути, како и 14. минути со играч помалку за избраниците на Кирил Лазаров, се само квантитативниот приказ на невоедначениот судиски критериум. Тоа што не може да се опише со бројки е спречувањето на секој македонски налет, на секој обид за фаќање резултатски приклучок, на упорноста да се одговори на калкулантскиот пристап на арбитрите со ракометна вештина на теренот.
Македонците совршено добро ја познаваат и ја разбираат оваа игра, за некој да си дозволува да им продава ракомет. Вардар два пати ја освои Лигата на шампионите и уште еднаш играше на завршниот турнир, заедно со Металург тие години давајќи му на Скопје примат на клупска ракометна престолнина на стариот континент, а Кометал Ѓорче Петров еднаш беше женски европски шампион и уште два пати вицепрвак. За машката репрезентација ова е деветти настап на СП, а има и уште осум на ЕП, додека женската има пет мундијали и шест еврошампионати.
Македонија не е боса ракометна нација, за да ја прават недоветна и со перфидни игри однапред да ѝ го уништат потајно сонуваниот сон за четвртфинале со овој пораз од директниот ривал за едно од двете места во втората групна фаза што ќе водат меѓу осумте најдобри селекции на планетата. Со (очекуваната) победа утре над дебитантот Гвинеја, македонските репрезентативци таму ќе имаат ривали по мерка, Австрија и најверојатно Катар, покрај недопирливата Франција, за посакуваното второ место.
Оттаму, гротескно изгледа „плачењето“ на Холанѓаните за бурата од негодување на македонските фанови во вараждинската арена, а уште посмешно нивното напуштање на теренот при прогласувањето на МВП на мечот заедно со судиите. Никој не оправдува фрлање предмети на теренот, но безбедноста на актерите ни оддалеку не беше загрозена за таква театрална реакција. Дотолку повеќе што беше испровоцирана и од некои холандски играчи што цинично ѝ ракоплескаа на публиката, а селекторот Стафан Олсон дури си допушти и гестикулации кон неа на излегување од игралиштето.
„Ете зошто ракометот ќе си остане мал и непознат спорт“, ќе напише македонски корисник на Фејсбук на профилот на Меѓународната ракометна федерација (ИХФ). Најпрво со делегирањето судии од земја од соседството, а потоа и со нивниот ветер во грбот за неа, не само што не се помагаат развојот и афирмацијата на овој спорт надвор од Западна Европа, туку директно се обесхрабрува токму тоа. Ако не ги испрати Хансен и Мадсен дома уште сега, ИХФ само ќе потврди дека е на погрешен пат.
Последно, но не и најмалку важно, жално е да мамите илјадници ракометни фанови од една од најсиромашните држави во Европа да патуваат илјада километри и да платат по 50 евра за да гледаат лакрдија. Доста им е од сите (не)можни неправди кон нивната земја за да мораат да го трпат тоа и на спортскиот терен.






