Бразилската ѕвезда ја напушти спонзорската турнеја во Шангај и допатува во Дубаи каде би требало да ги одработи лекарските прегледи во организација на францускиот вицешампион. Тој на Инстаграм го најави патувањето на дестинацијата каде би требало да се потврди светскиот рекорд, а притоа напиша и цитат од Библијата:



„Знам како е кога немаш ништо и знак како е кога имаш многу. Ја научив тајната да бидам среќен секогаш и во секоја ситуација, без разлика дали си сит или гладен, без разлика дали живееш во изобилие или ништо“.

Се претпоставува дека со самото пристигнување во Дубаи ќе биде потврден неговиот трансфер во ПСЖ. Поради ова се појавија различни написи низ медиумите. Еден дел тврдат дека тој од Дубаи ќе се упати во Катар, каде претходно „Л’Екип“ најави дека ќе се одржат лекарските прегледи во текот на неделава, или Париз, но според извори на шпанските медиуми и „ЕСПН“, Нејмар ќе се врати во Каталонија каде утре треба да се јави на тренинг кај Ернесто Валверде.

Во меѓувреме во Барселона започнува очекуваниот линч на навивачите.

„Се бара предавник“ и „Платеници надвор од Барселона, само играчи кои се вљубени во овој дрес“ се написите кои утринава се појавија на плакатите закачени на повеќе места низ градот, секако со фотографија на Нејмар.

За да компензира Барса веднаш го засилува притисокот врз Ливерпул за Филипе Кутињо, но англискиот премиерлигаш нема намера да го продава бразилскиот ас ова лето и ја одбил понудата од Барселона. Ливерпул не сака да слушне за продажба на Кутињо дури и за 100 милиони евра.

„Не знам како поинаку да соопштиме. Кутињо не е на продажба“, изјави менаџерот Јирген Клоп.