Постојаниот претставник на Русија во Обединетите нации, Василиј Небензија, изјави дека прекинот на огнот во Украина во моментов е нереален, пишува украинскиот јавен сервис , повикувајќи се на брифинг одржан во Њујорк.
Небензија тврди дека обидите за ограничен прекин на огнот, кој треба да се однесува само на енергетската инфраструктура на двете земји, пропаднале бидејќи, како што вели, Украина ги прекршила.
Изјавата доаѓа веднаш откако американскиот претседател Доналд Трамп рече дека Русија треба да поднесе одговор на американскиот предлог за прекин на огнот во Украина оваа недела.
Меѓутоа, денеска американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека ако не е можно да се стави крај на војната во Украина, „САД треба да се откажат од напорите и да продолжат понатаму“.
Претседателот на САД Доналд Трамп, изјави денеска дека Вашингтон очекува до крајот на оваа недела да добие одговор од рускиот претседател Владимир Путин за предлогот за прекин на огнот во Украина.
„Ќе го слушнеме нивниот одговор многу скоро, всушност оваа недела. Ние сакаме убиствата да престанат“, рече Трамп
Трамп бил незадоволен од однесувањето на Путин и смета дека тој намерно го одложува преговарачкиот процес, дознава претходно Фокс њуз.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека очекува Вашингтон да ги зголеми санкциите против Русија поради нејзиното одбивање да се согласи на прекин на огнот.
Во меѓувреме, високи претставници на администрацијата на Трамп признаваат дека е сè поверојатно дека САД нема да можат да постигнат мировен договор во наредните месеци.






