Шести ден откога актерката Синоличка Трпкова постира навредлив коментар на својот профил на „Твитер“, во кој се пресмета со „патриотите Македонци“ и со дијаспората, не стивнуваат реакциите од прозваните, но и од други корисници на социјалната мрежа.



„Најголемите патриоти Македонци се често неписмени и еднојазични. И тие од дијаспората исто. Ај, може ќе се потрудиме да ве описмениме, за да не си играат мајтап со вас на социјалните мрежи. Па, може ќе посакате уште еден јазик да поднаучите. Дај боже 111“, напиша актерката што глумеше во филмовите „Среќна нова ’49“ и „Дом за бесење“.

Академик Катица Ќулавкова на ова реагира со твитовите „Празнините во овој стереотип ви се пополнети со предрасуди, не со факти“ и „Сепак, стереотип е дека патриотизмот е својство на примитивните луѓе“.

Дел од другите твитови:

„Зборот патриоти и патриотизам не мислев дека е нешто негативно. Познавањето јазици е убаво во секој случај, ама тоа не е проблемот. Вештачки градење политика незаснована на попис е опасна работа“

„Со сета должна почит, пребројте колку нѐ има на универзитети по светов, колку наши интелектуалци се иселени, научници, инженери, врвни стручњаци… ама да, неписмени. Еднојазични. Одличен заклучок“

„Грешиш драга моја. Голем дел способни, образовани луѓе се патриоти и во дијаспората. Со стереотипи далеку ќе стигнеме“

„Поарно неписмен, отколку предавник и изрод“

„Патриот сум, знам македонски, српски, англиски и германски (пред 10 години дипломирав на Филолошки). Сега студирам втор факултет на државен универзитет. Кога ќе имам време, сакам да научам италијански и турски. Ама, никогаш јазик што на сила ми се наметнува“

„Значи ти си неписмена? Оти кажа дека си патриот. Не знаев дека патриотизам се мери со знаење јазици. Чунки, со сакање на татковината и работење за нејзиното добро. Ама, ете, социјалните мрежи биле репер за сè, па и за писменост. А желба да се научи јазик од албанска страна, не? Ех..“

„Одличен термин е ова ‘еднојазични’, на пример, ако сакам да го навредам татко ми, да му речам ‘мрш бе еднојазичен еден’“

„’Не сфаќате оти сте во дијаспора, оти сте неписмени, оти сте конзервативни и еднојазични’. Без разлика на темата на разговор, не ја сфаќам оваа квазиинтелектуална ароганција, која се заснова на некој погрешно сфатен либерализам. Дај сменете ги мантрите“

„Да си патриот е чувство кое не зависи од тоа дали си писмен или неписмен, ниту патриотите се ЧЕСТО неписмени. Говорам течно 4 странски јазици, можеби сакам да научам ‘уште еден’ јазик, но не присилно. И не некој што не ми е потребен“

„Ноли, зошто не се вклучи во дебатата за Законот за јазици? Затоа што, едноставно, ја немаше! Покрај небањатите и неписмените патриоти, во земјава постои и стручна јавност, која, за жал, беше заобиколена во широк лак. И немој да зборуваме за некој си 21 век!“

„Чудно, најголемите Македонци кои ја сакаат татковината се неписмени и еднојазични!? Во 2001 не чув дека излегоа на прва линија кој било од интелектуалните бубашваби во твоето опкружување, па на јуначки гради да пречекаат 7,62 поздрави“