Исклучени се сите три блока на „РЕК Битола“, после големата хаварија, со серија експлозии и сериозна штета, велат од комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ. Доцна синоќа, велат, испаднал електростатскиот филтер на блок 2, бидејќи, како што тврди партијата, седум години не било извршено чистење. По испадот, системот автоматски го исклучил блокот за да се спречи поголема хаварија во котелскиот и турбинскиот дел.
Од АД ЕСМ денеска потврдуваат дека има дефект на Блок 2 на РЕК Битола.

- Во текот на вчерашниот ден, поради дефект испадна Блок 2 на РЕК Битола, и во моментов се работи на отстранување на причината за испад на блокот. Во тек се операции за пуштање во погон на еден од блоковите кои се резерва на работата на Блок 2 – велат од АД ЕСМ.
Комбинатот во овој период, согласно намалената побарувачка на електрична енергија од потрошувачите и планот за производство на АД ЕСМ, работеше со еден блок заради неопходноста од испуст на дел од акумулациите на хидроцентралите.

- Потребата за електрична енергија во македонскиот електроенергетски систем се задоволува од сопствените производствени капацитети – велат од АД ЕСМ.
Инаку, годиниве наназад, „РЕК Битола“ постојано се соочува со дефекти и ретко кога комбинатот проработе со целосен капацитет.





