Постојат неколку едноставни, а задолжителни работи кои не смеат да се пропуштат во најтоплиот дел од годината. Ние ќе наброиме некои од нив.



Морски викенд
Не станува збор за подолг престој на море, туку нека е, и само кусо патување до плажа за два-три дена. Принципот е решаваш во петок и веднаш по работа се качуваш во автомобилот со најблискиот, девојка, момче, сопруга, сопруг, можеби пријател или пријателка и заминувате. Не ви се потребни ниту многу средства, ниту многу багаж, само решителност. Најдобра опција е тоа да се направи неколку пати и плус еден подолг одмор, но ако нема услови тогаш запазете го барем тој еден викенд.

Спорт со пријателите
Нема ништо посмирувачко од тоа во некој квечерина да одиграте баскет, пинг понг, одбојка, фудбалче со старите пријатели. Ќе се потрча, ќе се потроши малку енергија, ќе спадне стресот од работните обврски, а потоа се знае, на пиво пред кооперација.

Прошетка во парк
Тоа воопшто не е занимација само за жени, шминкери и уметници. Одделете час, два за една навистина долга прошетка во која ќе ги заборавите проблемите, а докажано е и дека зеленилото од дрвјата и тревата делуваат смирувачки на очите по часовите пред компјутер и дека создаваат чувство на хармонија.

Пречек на утрото
На сета жештина која носи исрпеност и проблеми во биоритамот можете да го пропуштите јулското будење на денот. А тоа е неповторливо и затоа за време на викенд, дома или на одмор останете со пријателите да го пречекате утрото. Парк, море или езеро би биле идеални за впивање на свежината и енергијата што со себе ја носи
изгрејсонцето.

Тен
Има луѓе кои едноставно не сакаат долго задржување на плажа, но едноставно не е добро ако не фатите барем малку тен. Потемнетата боја на кожата не мора да биде низ целото лето, ни да се испечете од целодневно сончање и никако да не доаѓа од користење на солариум зошто тоа е докажано штетно за кожата, но немојте да останете морничаво бели во топлата сезона.

Патување во странство
Никогаш не е лошо време да патувате до некоја блиска европска држава, но во текот на летото се е поедноставно. Од самостојно или групно патување, преку сместување во соба, хотел, па и шатор, до исхрана која може да биде лесна. И не е важно со кого. Самостојно, во двојка, тројка, со пријателите. Важно е да се организирате набрзина за патување и да престојувате во некој друга земја.