Некои се вознемирени за парите од изборите за порталите, но што е со парите за телевизиите и печатот?

Читајќи ја статијата на новинарката Мери Јордановска, читателот може да стекне впечаток дека политичките партии користат (злоупотребуваат) државни пари само за финансирање на нивните кампањи во интернет порталите. А тие, порталите, нели, особено оние кои работат комерцијално и не се финансирани од странски фондации и амбасади, веќе се стигматизирани како извор на пропаганда, на неквалитет и на сите други зла во македонскиот журнализам.



Не ми е јасно зошто молчат колегите од порталите на оваа тема, но јас нема да молчам и јавно ќе кажам дека перцепцијата дека порталите зеле огромни буџетски пари, згора и нетранспарентно, не соодветствува со вистината. Или, попрецизно, таа е лага кога станува збор за професионалните интернет портали.

Законот е јасен: најмногу 25% за интернет порталите! Кој ги зел оние 75%?

Да појаснам.

Веројатно случајно, или можеби од недоволна информираност, авторката на анализата „заборавила“ дека Изборниот законик ги ограничува државните пари што можат да се потрошат во интернет порталите за изборните кампањи. Така, од вкупните буџетски средства што може да ги потроши една партија за изборна кампања, само 25% може да завршат во печатените медиуми и во онлајн медиумите заедно – другите 75% одат кај радиодифузерите и веројатно за рекламирање на билборди. Таа пропорција (25%) е утврдена арбитрарно (зошто не 24% или 28%, на пример). Таа е апсолутно нелогична, посебно во време на доминација на онлајн медиумите, непотребна е и треба да се избрише од Законот.

Како и да е, ако интернет порталите во кампањата за парламентарните избори зеле 811.000 евра државни пари, новинарски професионално и етички би било да се каже колку пари зеле телевизиите, печатените медиуми и другите. Или „колачот“ за нив не е „колач“?

Според словото на Изборниот законик, ако тие 811.000 евра се една четвртина, најмалку околу 2,5 милиони евра државни пари се потрошени во другите, т.н. традиционални медиуми. Зоран Трајчевски од АВМУ, во истата статија, вели дека вкупните државни пари за финансирање на кампањите на политичките партии биле 10 милиони евра. Тој веројатно мисли на претседателските и на парламентарните избори заедно (во анализата не е прецизирано), но прашањето се наметнува само по себе: ако навистина е така, како се потрошени другите 9,2 милиони евра?

Дали телевизиите и печатените медиуми парите за кампањите, својот многу помрсен дел од „колачот“, ги зеле потранспарентно? Дали со тие пари не се влијаело врз нивните уредувачки политики, како што се сугерира во статијата? Дали се влијаело само врз уредувачките политики на интернет порталите?

Важно е да се знае колкав дел од „колачот“ им припаднал и на радиодифузерите и на печатените медиуми – колку кому, бездруго – а тоа било потребно да се напише и во анализата на колешката Јордановска. Бидејќи, ако во легислатурата надвладее ставот дека не треба да се трошат државни пари за финансирање на кампањите на политичките партии во медиумите, како и дека воопшто не треба да се трошат државни пари во медиумите за било какви цели, тогаш тоа има да важи за сите – не само за интернет порталите, туку и за телевизиите, за печатените медиуми и за сите други.

Или планот е и во иднина само печатените медиуми и телевизиите да лапаат државни пари? Како до сега …

Кој навистина не сака законска регулација на интернет порталите?

Друга важна работа што треба да се каже во врска со оваа анализа, е прашањето за регулација на интернет медиумите, за кое се зборува во неа.

Читам, Зоран Трајчевски од АВМУ вели дека „порталите во нашето законодавство се сива зона, не се законски регулирани …“ Читам, во 2023 година (лани), имало иницијатива за промена на Законот за медиуми, дека експерти предложиле такви измени и дека новинарските здруженија ги поддржале тие промени, но ете, Законот не бил променет.

Сево ова е само делумно точно. Јас, како член на Управниот одбор на СЕММ кој таму ги претставува интернет порталите (Профимедиа) и потоа како член на здружението Онлајнмедиа, бев вклучен во тие активности околу можна промена на Законот за медиуми, па можам да посведочам за неколку работи и да упатам неколку пораки до колегите од новинарската заедница.

Прво, навистина постојат експерти што си ја завршиле својата работа. Ние, неколку претставници од интернет порталите, лани се сретнавме со нив најмалку два пати и јасно им кажавме дека професионалните интернет портали сакаат да бидат дел до Законот за медиуми. Верувам дека експертите поднеле добар предлог за измени на Законот, кој, ете, немал среќа да биде прифатен од ресорното министерство. Не било баш така, ама ајде, да веруваме малку и во бајки.

Второ, ние од Онлајмедиа лани три пати се сретнавме со ресорниот министер Азир Алиу, со претставници на бизнис заедницата, но и со лидери и со високи претставници на сите политички партии. Од сите добивме поддршка и уверување дека ја поддржуваат законска регулација на интернет порталите.

Трето, јас научив и кој е против законската регулација на порталите. Тоа се две групи луѓе: во првата група се оние портали и нивни газди кои не сакаат да работат професионално туку да грабаат и да перат пари (тие се нашата нелојална конкуренција); во втората група се некои газди, уредници и новинари од т.н. традиционални медиуми, кои во интернет порталите гледаат опасност што ги загрозува – порталите им ги земаат публиката, приходите од рекламирање, државните пари за кампањите итн. Така мислат тие. Погрешно, но секој има право на свое мислење.

Целата колумна на Бранко Героски за Плусинфо на следниот линк: