Незири: Промената на Уставот е прашање поврзано исклучиво со ЕУ, никако со Бугарија, ниту со изборот на нејзината влада

„Уставните измени, кои се обврска произлезена од францускиот предлог, немаат никаква врска со политичките случувања во Бугарија, затоа што нашата земја презеде обврска да го спроведе документот, со кој се отвори преговарачкиот процес за членство во ЕУ.“ – нагласува политичкиот аналитичар од Македонија Џелал Незири. Незири е доктор по политички науки и истражувачки новинар. Неговите ставови ги пренесе информативната агенција на албански  јазик „Журнал“.



„Журнал“ пишува: Незири додава дека процесот е отворен само со скринингот, додека првите поглавја треба да се отворат веднаш, откако ќе се спроведе главната обврска, а тоа е вклучувањето на етничките Бугари во Уставот на * Македонија.

„Овој процес е преговарачки дел во рамката на ЕУ, така што прашањето од францускиот предлог за уставните измени е исклучиво поврзано со Брисел, никако со Софија. Она што може да се гледа како добар знак, или како позитивен сигнал во Бугарија, е дали таму ќе имаме влада, која ќе биде заевропска, повеќе за-НАТО, влада која нема да биде пречка за * Македонија, туку која ќе биде помагач во овој процес. Ако се случи ова, тогаш тоа ќе биде позитивно за земјата. Но, прашањето за уставните измени нема никаква врска со изборот на владата во Бугарија.“  – посочува Незири.

Според овој политички аналитичар, европската интеграција е неопходна за развој и напредок на земјата. Фрлајќи поглед врз последните три децении, Незири тврди дека локалните власти и политичарите не се доволно зрели да работат за државата и граѓаните, без процес кој ќе ги набљудува.

„Без интегративен процес, без процес на вклучување во ЕУ, во механизмите на ЕУ, ниедна земја во регионот не била успешна во однос на реформите во судството, економијата, полицијата и така натаму. Мислам дека на оваа влада ѝ е јасна оваа ориентација, оти интеграцијата во ЕУ е една од двете стратегиски цели, што ги држи заедно сите граѓани, без разлика на етничката, политичка или верска припадност“. – изјави Незири.

„Општ консензус уште од осамостојувањето на државата, што е во темелите на оваа држава, е да станеме членка на ЕУ, откако во 2020 година станавме членки на НАТ.“ –  заклучува тој.

Инаку, Бугарија трет пат по ред не успеа да формира нова влада, а со ова во наредниот период соседната земја ја чекаат нови избори.