Шеснаесет пациенти, повредени во пожарот во Кочани, кои се лекуваат во Македонија, се очекува да бидат отпуштени од болниците и закрепнувањето да го продолжат дома. Во период од две недели се очекува да се вратат во земјата половина од пациентите кои се лекуваат во странски медицински центри. Надлежните институции уверуваат дека ги преземаат сите потребни чекори за продолжување на соодветното лекување на тие пациенти.
Сега во Македонија се лекуваат 54 пациенти од трагедијата во Кочани: 46 во јавните здравствени установи, а осум во приватните болници. Од оние во јавното здравство, 26 се третираат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, тројца на КАРИЛ, шестмина на Пластична хирургија, 11 на Токсикологија, по двајца на Пулмологија и Детска хирургија и по еден на Торакална хирургија и Офталмологија. По десет лица се третираат во ГОБ „8 Септември“ и Клиниката за хирургиски болести „Свети Наум Охридски“. Во странство се третираат 115 пациенти, а од нив четири се во критична состојба.
Оваа недела се очекува осуммина од оние во странство да се вратат на клиниките кај нас. „Се подготвуваме за прием на пациенти, кои се враќаат од лекувањето надвор од земјата. Надвор од Македонија се лекуваат 115 пациенти. Оваа недела очекуваме осум пациенти да почнат да се примаат прво во клиниките кај нас.” – изјави министерот за здравство Арбен Таравари.
Кај пациентите се можни инфекции и компликации, а здравствените работници од странство го даваат нивниот максимум. „Се надевам барем половина од пациентите ќе се вратат за две недели.” – посочи Таравари.
Тим од пластични хирурзи ќе престојува во Кочани за пациентите, кои ќе бидат на домашно лекување откако ќе се вратат од клиниките, да можат да ја добијат потребната поддршка и терапија, а притоа да не патуваат. „Ние веќе работиме со редовни програми на нашите клиники и така ќе продолжиме. Повеќето пациенти се од Кочани и затоа тим од пластични хирурзи ќе бидат во овој град, ќе одат таму да видат за што има потреби, со цел да интервенираат кога ќе затреба. Штипската болница има четири пластични хирурзи. Ќе бидеме во комуникација, ќе им дадеме поддршка, за да не патуваат пациентите, туку нашите доктори да одат и да им дадат помош која, што ќе биде потребна во наредните етапи.“ – укажа Таравари.
Според него, на дел од пациентите ќе им биде потребна рехабилитација во траење од две недели, а на некои можеби и месеци. „Веќе размислуваме за можните опции за тие, кои што ќе останат и ќе бидат на подолгорочно лекување.“ – додаде министерот за здравство.
Портпаролката на Владата на Република Македонија Венера Љатифи-Азизи нагласи дека се прави сѐ, за да се обезбеди потребниот третман, заради подобрување на здравствената состојба на пациентите. „Состојбата на некои пациенти и натаму е сериозна. Четворица од тие, кои се во странство, се во критична состојба. Но чиниме се, за да го обезбедиме потребниот третман. Покрај болничката нега, како дел од долгорочната нега обезбедивме тим хирурзи, кој ќе остане во Кочани за поддршка на пациентите, кои се лекуваат дома, избегнувајќи ги нивните напорни патувања во клиниките. Штипската болница располага со четири хирурзи, кои ќе бидат во постојана комуникација за давање поддршка на пациентите.” – рече Љатифи-Азизи.
Таа нагласи дека здравствените установи се максимално посветени за обезбедување квалитетен третман и целосна рехабилитација за сите пациенти. Љатифи Азизи истакна дека истрагата за овој сериозен настан продолжува со целосна посветеност и во соработка меѓу одговорните институции. „Владата е решена да ја открие вистината и да одговорните да одговараат за своите постапки.” – рече портпаролката Љатифи-Азизи.





