Невозможна мисија: Адеми ќе ја збратимува македонската и албанската дијаспора

Министерот без ресор задолжен за односи со дијаспората, Едмонд Адеми, на средба со американскиот амбасадор Џес Бејли најавил дека ќе се обиде да ги зближи двете дијаспори од земјата кои што живеат во странство.



Според Адеми една од мерките за промена на улогата на овој дел од населението македонскиот политички живот е промена на законската регулатива за гласање на дијаспората и интензивирањето на соработката со потенцијалните инвеститори од редовите на дијаспората, кои како што тврди министерот, се чувствуваат обесправени пред другите странски инвеститори.

„Немаме закон за дијаспората. Нешто што како законска регулатива постои кај сите наши соседи, и ги дефинира легалните аспектите на соработка на дијаспората со татковината“, смета Адеми кој во владата е претставник на СДСМ.

За американскиот дипломат најважно во земјата да се врати иселената младина а тој лично ќе помогне во воспоставување на комуникација со иселените во САД за тие во иднина да инвестираат во Македонија.

Македонската и албанската дијаспора во Европа, САД и Австралија се сметаат за најрадикални и најнационалистички делови од двете најбројни етнички групи во Македонија.

Иако меѓу делови од двете дијаспори имало меѓусебни контакти во минатото министерот Адеми очигледно не ги познава доволно односите меѓу македонските дијаспори во странство.

Мисијата за негово обединување е однапред осудена на неуспех ако се земат предвид раличните цели и национални позиции на најголемиот дел од македонската и албанската дијаспора.