Во пресрет на денешната средба на премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев во Давос, грчката опозициска Неа Демократија во Атина се очекува да изврши жесток напад врз владата и премиерот за начинот со кој се справува со „прашањето“ на Скопје, пишува „Катимерини“.
Лидерот на НД Кирјакос Мицотакис, на политичкиот комитет на партијата уште еднаш ќе ја критикува тајната дипломатија и „деструктивната манипулација од страна на владата“ која не води кон помирување меѓу политичките партии, и ќе го соопшти ставот на Неа демократија по однос на решавање на спорот сега, по масовниот протест во Солун на кој на членовите на партијата, не им беше забрането на присуствуваат.
Мицотакис, и досега инсистираше дека е неприфатливо владата да нема заедничка позиција за „името“, во услови кога помалиот коалиционен партнер „Независни Грци“ и лидерот Панос Каменос, отфрлаат каква било употреба на зборот „Македонија“ во идното име на северниот сосед.
Опозициската партија стои на „црвените линии“ утврдени пред Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година дека решение треба да биде сложено име со географска одредница за секаква употреба.





