На 23 декември ВМРО-ДПМНЕ ќе бира (старо) нов лидер

На седница на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вечерва беше донесена одлука на 23 декември да биде свикан вонреден Конгрес на партијата на кој треба да биде донесена одлуката во кој правец ќе се движат работите во поглед на раководството и изборот на иден лидер.



Според најавите од ВМРО – ДПМНЕ на Конгресот на 23 декември ќе биде разгледана оставката на лидерот на партијата, Никола Груевски, што тој ја најави пред неколку дена.

„Независно каков ќе биде резултатот од анализата на изборите, дури и ако е таков дека објективно мојата вина е мала или најмала или дури ако се утврди дека немам објективна вина за поразот, јас ќе поднесам оставка пред органите на партијата. Партијата, во согласност со Статутот, ќе организира вонреден конгрес, на кој, освен извештајот за анализата на изборите, ќе се избере и претседател на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Груевски во петокот.

Засега во оптек се неколку варијанти за иднината на партијата што ја водеше Македонија од 2006 до мај оваа година. Најверојатно конгресот ќе треба да избере нов лидер, но не се исклучува и дека Груевски повторно би можел да биде предложен за старо – нов лидер на партијата.