На улица и вработените во „Национални шуми“ – бараат исплата на две заостанати плати

Вработени во 30 подружници на „Национални шуми“ денеска претпладне се собраа на протест пред зградата на Јавното претпријатие во Скопје за да го искажат, како што рекоа, својот револт бидејќи втор месец немаат земено плата. Претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање, Иван Пешевски, кој зборуваше во име на вработените, во изјава за медиумите рече дека не се проблем само неисплатените плати, туку и теренскиот додаток, кој исто така не им се исплаќа, а луѓето, вели, се тераат да одат на работа.



Во меѓувреме, потсети тој, во претпријатието се одвива штрајк на вработените, кои се на своите работни места, но не ги извршуваат работните задачи. Причините за ваквата состојба во ЈП „Национални шуми“, според него, е во менаџментот на претпријатието и во власта.  

  • Навистина се гневни и на менаџментот и на директорот и на нивните раководители и на сите претставници од власта затоа што сите таму земаат за 80 отсто зголемени плати, а вработените немаат втор месец плата. Веќе третиот месец тече и со една исплатена плата доколку денеска ја има повторно ќе немаат здравствено осигурување“, рече Пешевски, придружуван од неговите колеги.

Тој упати апел до претставниците на власта и до сите политички партии да не си поигруваат со судбината на околу 1 800 вработени во „Национални шуми“. Срамно е, додаде тој, во 21 век вработени да се молат за плати кои ги заработиле на работни места на кои се изложени на висок степен на ризик. Најави оти планираат да ги радикализираат протестите следните денови со собири пред зградата на Владата, на кои рече дека ќе бидат помногубројни и погласни, бидејќи, според него, незадоволство има и во други јавни претпријатија.

  • Верувајте дека ќе бидеме сè побројни и погласни, особено вработените во јавниот сектор, бидејќи врие и во ‘Паркови и зеленило’ и во Комунално и во Водовод, вчера гледаме и во ‘Македонски пошти“, културните работници и сите со мизерни плати, наспроти платите на функционерите. Ако планираат вака да продолжат верувајте дека нема да дочекаат народ ни на избори“, порача Пешевски.

Прашан зошто не им се исплаќаат плати и кој е ставот на менаџментот на јавното претпријатие, тој рече дека нивниот став секогаш е дека зимскиот период е тежок. Во однос на висината на платите, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека основната плата без додатоци на е еден шумарски инженер не изнесува повеќе од 25-26 000 денари.