На средбата со Хојзген во Минхен Мицкоски ја истакна активната улога на Македонија во безбедносната архитектура на Западниот Балкан

Премиерот на Република Македонија Христијан Мицкоски во рамки на работниот престој во Минхен, Сојузна Република Германија денеска оствари средба со претседавачот на Минхенската безбедносна конференција Кристоф Хојзген. На средбата се разговараше за постојните безбедносни предизвици во Европа и регионот, како и за можностите за зајакнување на меѓународната соработка на полето на безбедноста и стабилноста. Премиерот Мицкоски ја истакна заложбата за унапредување на стратегиското партнерство со сојузниците од НАТО и потребата за напредок на патот кон Европската унија, како и за активната улога на Македонија во регионалната безбедносна архитектура.

Мицкоски нагласи дека стабилноста на Западниот Балкан е клучна за европската безбедност и оти ќе продолжи да работи на продлабочување на двостраните и повеќестраните односи во оваа област. Двете страни се согласија дека соработката е клучна за справување со глобалните предизвици и оти иднината на регионот е во одржлив развој, економски просперитет и сигурност за сите граѓани.

Мицкоски денеска се сретна и со премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ. Средбата се одржа во духот на пријателските односи меѓу двете земји. Беше нагласена важноста на продолжувањето на политичкиот дијалог и економската соработка. Двајцата премиери разговараа за двостраните односи, евроинтегративниот процес и предизвиците, со кои се соочува Западниот Балкан. Премиерот Мицкоски изрази благодарност за непрестајната поддршка, што Хрватска ѝ ја дава на Македонија во процесот на европските интеграции. Тој нагласи дека Владата на Македонија останува посветена на реформските процеси, заради забрзување на пристапните преговори. Хрватскиот премиер Пленковиќ ја потврди поддршката на Хрватска на патот кон Европската унија, истакнувајќи дека стабилноста и развојот на регионот се од заеднички интерес.

Во текот на денот Мицкоски ќе учествува во дел од активностите на Минхенската безбедносна конференција: ќе се обрати на панел-расправата на Форин Полиси во врска со геополитиката, енергетската сигурност и улогата во промените на глобално рамниште.