Одредени маркети не ја почитувале владината одлука за скалестото ограничување на маржите и во периодот кој следи можно е нивно затворање во рок од 15 дена, најавија од Владата. Покрај затворањето, маркетите кои не ја почитуваат владината одлука, ќе се соочат и со парични казни кој се движат од 500 до 10.000 евра. Од Владата се децидни дека сегашната мерка која истекува на крајот на месецот, дава резултати. Во таа насока, веќе од идната недела маркетите ќе треба на своите веб страни на дневна основа да ги објават и цените на сите производи.
- „Под наша надлежност е ДПИ и од она што досега го имаат утвредно на терен во однос на прекршување на мерките и одлуките донесени од владата за ограничување на бруто профитните маржи со основните прехрамбени производи ќе имаме одредени казни и затворање на одредени маркети каде се утврдени поголеми прекршувања“, изјави Марјан Ристески, заменик-министерот за економија и труд.

За дел од економистите, да се има официјална потрошувачка кошничка базирана на податоци од државниот завод за статистика е добра опција за понатамошните политики.
- „Потрошувачката кошничка треба да се креира структурно врз основа на официјална статистика, официјалната статистика е во Државниот завод за статистика и тоа оттаму треба да прозивлезе. Други чинители во процесот во смисла на министерството за економија и труд, шт о е надлежно па до некаде и финансии е во ред да учествуваат меѓутоа основно е да се базира на статистика“, изјави Марјан Петрески универзитетски професор.
Пред неколку години статистика престана да ја пресметува кошничката, па оттогаш наваму тоа го прави само Сојузот на синдикати. Иако вообичаено ја објавуваат секој месец, тоа не беше случај во март.





