На денешен ден пред 11 години „исчезна “ малезиски авион

 

Роднините на кинеските патници изгубени на летот MH370 на Малезија ерлајнс се собраа во саботата во Пекинг барајќи одговори од властите 11 години откако авионот исчезна во една од најголемите трајни мистерии на авијацијата.



Боингот 777 со 239 луѓе исчезна од радарите на 8 март 2014 година додека беше на пат од Куала Лумпур кон Пекинг.

Две третини од патниците биле Кинези, додека другите биле од Малезија, Индонезија, Австралија и други места.

И покрај најголемата потрага во историјата на авијацијата, авионот никогаш не е пронајден, пишува АФП

Но, малезискиот министер за транспорт Ентони Локе минатиот месец објави дека фирмата за поморски истражувања Оушн Инфинити ја продолжила потрагата по исчезнатиот авион.

Роднините на “исчезнатите“ бараат одговори:

„Беше ветено дека ќе бидеме информирани веднаш (но) можеме да дознаеме за ваквите вести само преку Интернет“, рече 68-годишниот Ли Ериу за АФП пред да се сретне со претставниците на кинеските министерства за транспорт и надворешни работи.

„Многу семејства дури и не знаат како да пристапат до овие информации, па се целосно несвесни“, рече Ли, кој го загуби својот 29-годишен син во авионот.

„Сите ние се чувствуваме крајно лути и фрустрирани“, рече Ли.

Џианг Хуи, чија мајка била во авионот, рече дека се уште е во мрак за новата потрага.

„Кога ќе започне? Каде ќе се одвива потрагата? Колку долго ќе трае? Какви откритија се направени? Кои теории доведоа до одлука за рестартирање на потрагата? Џијанг им изјави на новинарите.

Тој се надева дека потрагата „ќе стави крај на 11-годишното страдање“.
„Заробена во болка“

Ужалените семејства, исто така, се собраа во саботата на раскрсницата пред малезиската амбасада во Пекинг, патот до кој беше затворен од најмалку 20 полицајци.

Присутните едногласно извикуваа „Вратете ни ги нашите најблиски!“

Некои држеа плакати со прашања „Кога ќе завршат 11-те години чекање и маки?

„Сите останаа заробени во болка. Што точно се случи сè уште не е познато“, рече Ченг, чиј сопруг бил во Малезија на снимање филм и се враќал во Кина со MH370.