Најуспешниот и највредниот вечерва се пресметуваат во Скопје

Кога фудбалските богови, но и бизнис гиганти вечерва (20.45) ќе истрчаат на Телеком арената тоа ќе биде нивни 13. меѓусебен дуел со тоа што последните два се пријателски, а десетте претходни беа официјални и во рамките на Лигата односно Купот на Европските шампиони. Оваа серија за историја започна пред точно 60 години кога во полуфиналето од најелитното натпреварување Реал ја бранеше титулата, а Манчестер како англиски првак ја напаѓаше за свое прво финале. По 3-1 на Сантијаго Бернабе, само 2-2 на Олд Трафорд и кралевите заминаа по новиот втор, од 12-те трофеи што ги наредија во глобалните фудбалски брендови познати по кратенките КЕШ и ЛШ.
Следното соочување на фамозните имиња и тоа во истиот ранг од истото натпреварување беше во 68. година од минатиот век кога Црвените ѓаволи се реваншираа со вкупни 4-3 (3-3 и 1-0), а интересно токму таа година Англичаните стасаа и до првиот пехар во Лигата на шампионите. Нешто што потоа го повторуваа уште два пати.




Трите други пресметки на блескавите шампиони кои заедно имаат 53 титули во двата најголеми домицилни фудбалски шампионата се од новиот век и во сите славеник беше Реал. Манчестер постојано беше со само гол негатива, но испаѓаше по пресметките со големиот ривал и во четврт-финалето во 2000. со вкупни 3-2, и во таа рунда во 2003. со 6-5, и на крајот во осминафиналето во 2013. година со 3-2.
4-4-2 во официјалните натпревари за Реал, но и две пријателски средби во 2014. и летово во кои Манчестер победуваше со 3-1 и на пенали, и сето прави симетрија која добро ја отсликува и гол разликата од 22-20.
Реал и Манчестер се своевидни врсници, формирани во 1902. година. Кралевите се поуспешни и во Европа и дома, но Јунајтед постојано во 21. век е по вреден според финансиските аналитичари. Впрочем на онаа традиционална листа на Форбс која излегува секоја година, за 2017. Манчестер со сите атрибути вреди 3 милијарди и 690 милиони долари, а Реал е проценет на 90 милиони помалку.

Нема потреба да зборуваме дека тоа се дел најважните франшизи во светот на спортот. Така Реал има 160 милиони следбеници на социјалните мрежи, а Манчестер Јунајтед околу 100 милиони. Сето тоа се одразува и на прадажбата на дресови, па белите од Мадрид лани продале 2 милиони и 300 илјади во цел свет, а црвените од Енфилд 2 милиони и 850 илјади. Станува збор за огромни навивачки бази и потенцијал кој ја надминува играта, иако по сите бројки и математики, се одново ќе се сведе на ликови и имиња. А нив во двете средини секогаш ги имало и ќе ги има, како што впрочен е и сега. Роналдо, Бејл, Мурињо, Погба, Лукаку, Зидан и останатите се веќе со статус на некаква форма на модерна религија која создава армија фудбалски идолопоклоници. Дел од нив, на нивна и наша радост деновиве се во Скопје со своите миленици.