Баклавата е популарно кулинарско искушение на кое едноставно не можете да му одолеете и од кое секогаш ќе посакате уште едно залаче. Слатката пита е совршен партнер на секој филџан силно кафе и примамлив десерт на секоја богата трпеза.
Креирањето на совршената комбинација од крцкави тенки кори, сечкани јаткасти плодови и сладок шеќерен сируп е мал предизвик во кујната. Но, со вистинскиот рецепт, од вашата кујна секогаш ќе излегува идеална баклава која експресно ќе исчезнува од чиниите.
Состојки:
-500 гр. кори за баклава
-600 гр. ореви
-1,5 кг. шеќер
-1 пакетче ванилин шеќер
-250 гр. маргарин (1 коцка)
-750 мл. вода

Подготовка:
Измелете 300 гр. ореви, а останатите исечкајте ги ситнo. Земете две кори и поставете ги една над друга. На едниот крај од корите по целата должина дарежливо ставете ореви, а потоа виткајте ги корите како ролат, започнувајќи од страната на која ги ставивте оревите.
Ролатот ставете го во плех и повторете ја истата постапка со сите останати кори.
Растопете ја коцката маргарин. Исечете ги корите на неколку делови (4 или 5) и потурете ги рамномерно со растопениот маргарин.
Во загреана рерна на 180°C ставете ја баклавата да се пече 30-40 минути, односно додека да добие златна боја. Извадете ја и оставете ја да се олади.
Во длабок сад за варење измешајте го шеќерот со 750 милилитри вода. Ставете го на тивок оган и откако ќе се растопи шеќерот, додајте го ванилиниот шеќер. Оставете го да врие точно 3 минути.
Тргнете го шербетот од оган и додајте половина филџан ладна вода. Оставете го малку да се излади. Важно е шербетот да биде топол, но не премногу жежок (кога ќе го ставите прстот во него, да можете да ја трпите топлината).
Со добиениот шербет потурете ги изладените баклави и оставете ги да отстојат барем неколку часа за да го впијат шербетот.
Баклавата секогаш се сервира на собна температура и не се чува во фрижидер.






