Најавите за инвестициски бум од шест милијарди евра, позитивен сигнал за стопанството

Секоја најава за нови инвестиции е добредојдена за бизнисот, но вложувањата треба и да се реализираат. Стопанствениците ја поздравуваат најавата на премиерот Мицкоски за преговори за инвестиции вредни 5 до 6 милијарди евра кои достигнуваат до 40% од БДП, објави ТВ Алфа. Оптимисти се дека ќе се направат локални, регионални и експресни патишта, со што ќе се покрене градежниот сектор – она што е долгогодишно барање на стопанските комори. Сепак, бараат сите овие најавени вложувања да се спроведат што е можно побрзо.



  • „Се надеваме Владата ќе биде посериозна и дека ќе ги реализира овие проекти кои се долгорочни. Сепак, инфраструктурниот дел не се одвива брзо и требаат години. Засега не знаеме дали Владата има предвидено за колку години се овие 5-6 милијарди евра. Значи може да се најави дека ќе има инвестиција, а да трае 20 години. Или пак има некој одреден рок кој веројатно ќе биде пократок за да се заврши овој важен инфраструктурен дел“ – вели Менди Ќира – Стопанска комора на северозападна Македонија.

Бизнисмените сметаат дека градежната оператива на Македонија има капацитет да спроведе големи инфраструктурни проекти. Бараат компаниите од овој сектор да бидат изведувачи и подизведувачи за изградба на патиштата, болниците, пругата, енергетските капацитети. Тоа не само што ќе ја подобри финансиската кондиција во градежништвото, туку и ќе ги покрене останатите стопански гранки поврзани со него, а во крајна мера ќе придонесе за економски развој. Особено бараат конечно да започне изградбата на брзата пруга за да се олесни и поевтини транспортот на стоки, а со тоа и да се намалат трошоците на компаниите.

  • „Компанииите кои се придружуваат на овие компании кои се странски нвестиции се во секундарниот дел, значи се активни и профитираат во тој дел. Воопшто целото стопанство, особено градежништвото добива од таквите инвестиции, не само во реализација, изведувањето на овие проекти, туку и поевтин транспорт на роба“ – рече Менди Ќира – Стопанска комора на северозападна Македонија.

Премиерот Мицкоски најави дека ќе се инвестира во патна инфраструктура во вкупна вредност од половина до една милијарда евра. Вложувањето, пак, во брзата пруга долж Коридорот 10 кадешто возовите треба да се движат со 160 километри на час ќе чини 2,5 милијарди евра. Дел од проектите се оние во здравствениот сектор: Клиничкиот центар Штип, болницата во Кичево и реконструкција на Клиничката болница Тетово.

По посетата на Обединетите Арапски Емирати, Мицкоски очекува вложувања оттаму помеѓу две до три милијарда евра. Се разговарало за проекти во Охрид, ски центарот Попова Шапка, изградба на хидроцентралите Чебрен и Галиште и нови соларни и ветерни централи. Премиерот рече дека повеќе детали околу проектите ќе открие по два месеци и дека сето ова ќе биде искомуницирано со стопанските комори, за да се координираат капацитетите на македонските компании.