Николај Василев, бугарски политолог и автор на книгите „Триумфите и катастрофите на бугарската дипломатија“, „Битката за Бугарија. Последната деценија на 20. век“ и „Македонскиот идентитет“, цмета дека е потребна катарза и во Бугарија, и во Македонија, за подобрување на меѓусебните односи.



„Ако сакаме да ги нормализираме односите со Македонија, треба да почнеме со катарзата внатре во самата нашата земја, во нашиот образовен систем, во начинот на кој ги гледаме овие луѓе. Многупати се зборува за тоа, на пример, зошто договорот на Бугарија со Македонија не е ист како договорот со Грција. Работите се сосема поинакви. Грците, релативно кажано, сакаа да им го ‘истријат носот’ на Македонците и успеаја. Наша задача мора да биде да ги освоиме срцата на барем дел од Македонците“, изјави Василев на Јутјуб-каналот „Видливо и невидливо“.

„Ако сте Македонец и верувате дека со векови имало македонски народ кој зборувал македонски јазик, но Бугарите се обиделе да го окупираат, асимилираат, успеале да откорнат еден дел, но го угнетуваат македонското малцинство во Бугарија, вие нема да биде пријател на Бугарија ако ова е вашата идеја за светот. Дури и ако склучите какви било договори, ќе гледате да ги раскинете во одреден момент. Но, и обратното е – ако веруваме дека некој ги натерал Македонците, со пропаганда и со лаги, да престанат да бидат Бугари и да станат Македонци, тогаш нема да бидеме пријател на денешните Македонци. Затоа, кога сакаме катарза, мора да започнеме со катарза дома. Треба да размислиме како се формира македонската нација, како се формира македонскиот јазик и што е најважно […] како желбата на Македонците да го градат својот идентитет да работи за Бугарија, а не против неа“, вели политологот.

„Бугарија сака, и со право, во Македонија да се случи катарза, да се преиспита историјата, да се прифати дека она што повеќето современи Македонци го научиле и слушнале не само од државните институции, туку и од нивните родители, дека во суштина не е баш така, дека всушност не е точно“, нагласува Василев.

„И ние мораме да ја доживееме оваа катарза, бидејќи во Бугарија идејата за тоа како е изградена современата македонска нација е исто така крајно искривена и неточна. Таа замислува дека на или околу 20 август 1944 година мнозинското население на Вардарска Македонија легнало како Бугари, следниот ден дошле некои окупатори и со оган и меч и пропаганда ги претвориле во небугари. Не е баш така“, вели тој.