Нацифашистите бегаа по бели гаќи – Професорот Чепреганов одговори за ,,генетиката на Македонците” според Димитров

Нацифашистите бегаа по бели гаќи вели меѓу другото професорот Тодор Чепреганов во одговорот до бугарскиот член на Комисијата за историја и образование со Бугарија Ангел Димитров кој објави теза во која зборува за наводна бугарска ,,генетика на Македонците”.



Одговорот на македонскиот историчар до бугарскиот член на историската комисија expres.mk го објавува интегрално:

Проф д-р Тодор Чепреганов

РЕАКЦИЈА НА НАПИСОТ НА АНЃЕЛ ДИМИТРОВ „ДЕБУГАРИЗАЦИЈА НЕ МОЖЕ ДА ИМА, ЗОШТО ИМА ГЕНИ НА СЕЌАВАЊЕТО“

Почитуван Димитров,

Во Вашиот напис во порталот Експрес од 5 април 2025 година под наслов „Дебугаризација не може да има, зошто има гени на сеќавањето“ сакам само да набележан дел од „гените“ на тоа како се сеќава македонскиот народ на бугарските окупации на Македонија. Ќе се осврнам, само, на „гените на сеќавање“ во текот на Втората светска војна.

За време на Втората светска војна по влегувањето на бугарскиот наци-фашистички окупатор на територијата на Вардарска Македонија (18 април 1941) бугарските наци-фашистички окупатори спроведуваат бугаризација – менување и не само на образовниот систем од српски во бугарски, улици, училишта, институции и сл., но како главна цел им беше, промена на националниот идентитет, преку репресија во прв ред врз македонските комунисти и патриоти како носители на отпорот против окупацијата на Македонија.

Вас како да ве зафатил некој ген на “амнезија” па заборавате на чија страна беше Бугарија во текот на Втората светска војна, што правеше во Македонија тогашната наци-фашистичка војска и полиција и како преку ноќ истата таа војска стана “ослободителна”. Тоа, по сѐ изгледа, е посебен бугарски ген.

Да почнеме со тогашниот ген на бугарскиот окупаторски наци-фашистички и политички врв кој учествува во едно од најголемите злосторства во историјата на човештвото депортацијата над 12.000 од 60.000 Евреи во Царството Бугарија кои биле испратени во својата смрт, депортирани од Македонија и северна Грција и Србија во Треблинка и Аушвиц од страна на бугарската војска и полицијата преку бугарската железница со поддршка на царот Борис III. Од Македонија се депортирани 7144 Евреи во логорот Треблинка каде сите се ликвидирани (98% од македонските Евреи) од кои 2000 деца.

Тие 2000 еврејски деца ја немаа таа среќа да му се радуваат на животот. Тоа им го ускрати тогашната бугарска-наци фашистичка политичка гарнитура. (За „генот на сеќавање“ за спасувањето на Евреите од Бугарија во друга прилика).

Тогашните бугарски властодржци на чело со кралот Борис III со идеите на наци-фашизмот, за нов поредот, беа тие кои вршеа државен терор врз македонскиот народ, и сите останати анти наци-фашисти кои се спротиставуваа на тогашниот наци-фашистички окупаторски систем, беа убивани без преседан.

Еве уште нешто што имаме во гените. 11 октомври 1941 година, денот на востанието на македонскиот народ, не само против бугарскиот наци-фашистички окупатор туку против силите на Оската.

Со таа акција на тие млади македонски патриоти-партизани на 11 октомври 1941 година, македонскиот народ обзнани пред светот дека се става на страната на антинаци-фашистичката коалиција и дека со останатите антинаци-фашисти ќе се бори против силите на Оската.

Не случајно, во тој период во Македонија престојуваат сојузнички воени мисии кои известуваат дека „Македонците пред се се националисти, а потоа комунисти“.

А Вашиот тогашен политички и воен врв беше на страната на Оската. Таа борба беше крунисана со формирање на македонската држава на АСНОМ на 2 август 1944 година, а Вашите „ослободители“ и „администратори“, преку трупа ја напуштија Македонија некои дури и на „бели гаќи“. Од тие причини 11 октомври ќе остане еден од најсветлите и најголеми празници на македонскиот народ.

Уште за гените: Стрелањето на Ваташките деца на 16 јуни 1943 година кога бугарските окупаторски наци-фашистички власти, под сомневање дека некои младинци (меѓу 15 и 25 години) се поврзани со НОВ и ПО на Македонија, без судење 12 од нив биле стрелани, а еден успеал да се спаси. Уште нешто за гените: со најголема бруталност од наци-фашистичката полиција беа убиени: Кузман Јосифовски Питу, Страшо Пинџур, Цветан Димов, Мирче Ацев, Ванчо Прке, Вера Јоциќ, Невена Георгиева Дуња, Боро Џони и стотици други, масакарот кај село Дабница извршен на 19 септември 1942 година кога биле мачени и убиени 64 мажи (од 16 до 60 години) и многу други.

Почитуван Димитров, далеку би не одвело набројувањето, на како што велите „гени на сеќавањето“. Тие гени за македонскиот народ, од време на окупацијата не се пријатни, напротив тие се болни, трагични, исполнети со негативни емоции кон тогашното „администрирање“ и „ослободување“ на Македонија.

Ајде да ја свртиме паричката на другата страна. Сметам дека не може да има „ДЕМАКЕДОНИЗАЦИЈА ВО БУГАРИЈА ЗОШТО ИМА ГЕНИ НА СЕЌАВАЊЕТО“ и тоа милионски. А, исто така, сигурно многу добро Ви е позната автономијата во Пиринска Македонија и тие гени тешко дека ќе можете да ги уништите. Но и носењето на коските на Гоце Делчев во слободна Македонија се дел од тие гени. Тие се борат. А еве што за македонските гени во Бугарија велат Британците во 1943 година (R (0), 42 (f I Bu), British Library of Political and Economic science, Bulgaria Basic Handbook, Confidential, September 1943): „Компликациите во бугарскиот политички и општествен живот се прави со моќното влијание врз неа од елемент кој со децении, теоретски, воопшто не бил бугарски: Македонците Дури и пред Балканските војни многу голем број од оваа талентиранa раса емигрирале во Бугарија и темелно се вкоренија себе си во армијата и во професиите. Делумно поради нивното влијание, Бугарија, до 1912 година, имаше можеби повеќе маки во подготвување на патот за стекнување на Македонија, отколку на кој било друг објект.

По Балканските војни, кога поголемиот дел од Македонија и Тракија беше поделена меѓу Југославија и Грција бројот на емигрантите се зголеми и нивното влијание стана дури и поголемо.

Тие управуваа со Југо-западна Бугарија целосно со сила, независно од централната влада и во голем дел диктирајќи ја политиката за целата држава насочувајќи ги своите напори, многу повеќе, отколку што инаку би било случај кон иредентизмот и ривалството со Грција и Југославија.

Многу тешко може да се процени колкаво е влијанието на Македонците во Бугарија. Македонците скоро секогаш биле многу помоќни во политиката од ‘Бугарите’.

Една наша поговорка вели: „врти, сучи се е исто“ гените на сеќавањето, сепак, се на македонска страна.

А ми се чини дека во сето ова Ви недоставува генот на ИЗВИНУВАЊЕ:

– за окупацијата од 1941 година;
– за „администрирањето“
– за сите убиства и злодела врз македонскиот народ;
– за погромот на македонските Евреи;
– за стрелањето на ваташките деца;
– за Дабничкото стрелање, и да не набројувам понатаму…
А ние го имаме генот на ПРОСТУВАЊЕ, НО НЕ И ЗАБОРАВАЊЕ. Вие сте на потег?!
Почитуван, Димитров, да ги оставиме гените на генетичарите, а тие знам дека ќе ни покажат дека сме два посебни, различни народи, дајте ние историчарите да се свртиме кон историјата и да ја направиме наука која ќе биде почитувана од двете страни и македонска и бугарска, секој со својата историја, со својата колективна меморија, со своите херои и настани. Да им дадеме простор тие работи да ги реашаваме таму каде што им е местото на конференции, научни собири, проекти, симпозиуми, трибини, дебати. Без комисии и без политика.

Тезите на бугарскиот член на историската комисија искажани преку бугарскиот национален медиум

Дебугаризација во Македонија не може да има, зошто има гени на сеќавањето, смета Димитров