Национален штрајк: Грција ќе запре на 28 февруари

Трите најголеми синдикални организации во Грција на втората годишнина од трагичната железничка несреќа кај Темпи во која загинаа 57 лица, организираат сенароден протест.



Штрајкот ќе влијае на повеќе сектори, вклучувајќи го јавниот превоз, такси услугите и поморскиот транспорт. Се очекува прекин во движењето на траектите и товарните бродови, додека бројни продавници најавија затворање за време на протестот.

Властите предупредуваат на можно затворање на клучни улици и булевари.

Централен настан ќе биде собирот на плоштадот Синтагма во Атина.

Организаторите очекуваат масовно присуство, особено поради растечкото незадоволство меѓу граѓаните.

Според неодамнешна анкета, дури 72% од Грците веруваат дека имало обиди од страна на Владата за прикривање на вистинските причини за несреќата.

Железничката катастрофа кај Темпи, која се случи пред две години, однесе 57 животи, претежно на млади луѓе.

Неодамнешните откритија покажаа дека околу 30 лица преживеале по првичниот судир, но починале неколку минути подоцна поради недостаток на воздух и експлозија во товарниот воз.

Овие сознанија дополнително го разгореа гневот на јавноста.