НАТО разговара за распоредување повеќе нуклеарно оружје, вадење на оружјето од складиштето и ставање во состојба на подготвеност со оглед на зголемената закана од Русија и Кина, изјави генералниот секретар на Алијансата.
Јенс Столтенберг изјави за британскиот весник Телеграф дека членките на НАТО разговараат за транспарентноста во однос на нивниот нуклеарен арсенал како средство за одвраќање.
„Нема да зборувам за оперативните детали за тоа колку нуклеарни боеви глави треба да бидат ставени во употреба и кои ќе бидат складирани, но треба да се консултираме за овие прашања. Тоа е токму она што го правиме“, изјави тој за весникот.
„Транспарентноста помага да се испрати директна порака дека ние, се разбира, сме нуклеарна алијанса“, рече генералниот секретар на НАТО.
„Целта на НАТО, се разбира, е свет без нуклеарно оружје, но се додека постои нуклеарно оружје, ние ќе останеме нуклеарна алијанса бидејќи светот во кој Русија, Кина и Северна Кореја имаат нуклеарно оружје, а НАТО не, би бил поопасен“.
Столтенберг минатата недела рече дека нуклеарното оружје е „крајната безбедносна гаранција“ на НАТО и средство за одржување на мирот.
Рускиот претседател Владимир Путин постојано предупредува дека Москва може да користи нуклеарно оружје за да се одбрани во екстремни околности.
Москва ги обвинува САД и нивните европски сојузници дека го туркаат светот на работ на нуклеарен конфликт со снабдување на Украина со оружје во вредност од милијарди долари, кое се користи за напади на руска територија.





