Насер Селмани, новинар и поранешен претседател на Здружението на новинари на Македонија го прогласи Албин Курти, лидерот на партијата Ветвендосје (Самоопределување) како „премиер на сите Албанци“ еден ден и пред да се одржат парламентарните избори во Косово. „Честитајќи“ му ја „победата“ на Курти предвремено, уште на 8 февруари 2025 година во својата колумна со наслов „Аргатите на Мијалков во Скопје вознемирени дека Курти победува во Косово“, Селмани „великодушно“ му ја „даде“ на лидерот на Ветвендосје не само титулата премиер на Косово, туку и „премиер на сите Албанци“! Што значи и на Албанците од Македонија! Со тоа Насер Селмани му се придружи и на Билал Касами, градоначалникот на Тетово и лидер на Беса, кој на 11 август минатата година го пречека тогашниот косовски премиер со зборовите дека е „премиер не само на Косово, туку и на сите Албанци“, односно оти е „премиер и на Албанците од Македонија“.
Инаку, во својата спомената колумна, која ја објави информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА, Насер Селмани ги напаѓа „албаноговорителите во Скопје“, кои не ги именува кои се тие, со следниот став: „Поддржувачите на Мијалков меѓу албаноговорителите во Скопје се загрижени дека божем Албин Курти го расипува пријателството на Косово со САД! Но, да бидеш аргат на Мијалков и Америка не оди! Албанците знаат дека Мијалков е на американската „црна листа“ како противалбанец и како заколнат аргат на русо-српските служби, додека вие му служевте на тој режим со посветеност на најдовратните аргати!“





