Народниот херој и деец за слободата на Македонија Благој Јанков-Мучето е убиен од бугарскиот фашистички окупатор во Струмица на 14.7.1944

На денешен ден, на 14 јули 1944 година бугарскиот фашистички окупатор во Струмица го убива Благој Јанков-Мучето (3 јуни 1911-14 јули 1944) народен херој на Македонија, револуционер и комунистички деец. На неговата мајка не ѝ било да дозволено да го земе телото и да го погреба својот син, а бугарските власти го фрлиле кај реката Тракајна. Но, посмртните останки на Благој потоа се пронајдени и погребани. Мучето бил жесток противник и на политиката на бугарскиот окупатор за асимилација на македонскиот народ. Ова го има напишано историчарот-кустос Емилија Петковска, сега почината, во својата научна статија со наслов „Струмичкиот народен херој“, која е објавена во зборник на Заводот за заштита на спомениците и Музеј на Струмица во 2014 година.



Покрај другото, во својата обемна статија Петковска има истакнато: Благој како љубопитно дете кога седел со своите родители и роднини секогаш прашувал за минатото и многу сакал да слуша за војводите и комитите, за Илинденците, за нивната храброст. И посебно за славниот македонски војвода Леонид Јанков, со кого се поистоветувал. Откако го изучил шивачкиот занает, Благој заминал на печалба во Белград. Таму се вклучил во белградското работничко движење и станал синдикален активист. Кај него созреваат идеите за слободна и независна Македонија. Во 1936 година е веќе член на КПЈ. Во 1935 година се организирале штрајкови и демонстрации во Белград. Благој бил еден од организаторите. Затоа српската полиција повторно го уапсила. Властите и жандарите го измачувале во обид да го му скршат духот. Српската власт го осудила на затворска казна од шест месеци. По капитулацијата на Кралството Југославија, Благој Јанков Мучето се вратил во Струмица.

Струмица била окупирана од бугарските војски на 19 април 1941 година. Квислиншките сили настојувале да организираат свечен пречек на „ослободителите”. Наспроти нив Партиското поверенство организирало масовни демонстрации со учество на околу 1500 демонстранти, предводени од Благој Јанков-Мучето и Јосиф Јосифовски-Свештарот. Тие организирано се упатиле кон градскиот плоштад извикувајќи ги паролите: „Смрт на шпекулантите”, „Македонија на Македонците” и сл. Откако фашистичката Бугарија воспоставила административно-политичка и воена власт, условите за илегална работа биле отежнати.

Окупаторот будно ја следел активноста на сите национално созреани струмичани, кои се бореле за самостојна и слободна Македонија од времето на Кралството Југославија. За сите се водело одделно досие. Во рамки на својата асимилаторска политика и со стремеж да ја придобие младината, бугарскиот фашистички окупатор, се обидел да ја формира профашистичката организација „Отец Пасиј”. На 14 јули 1941 година требало да се одржи нејзиниот основачки одбор. Месниот комитет бил запознат со ова и се обидел да го бојкотира нејзиното формирање. Благој Јанков-Мучето на собир ја разоткрил намерата на бугарските власти за тоа со каква цел ја формираат организацијата. Летото 1941 година на сличен начин било бојкотирано и формирањето на профашистичките организации „Легионер” и „Браник”.

Меѓу позначајните акции, во кои учествувал и Благој Јанков, биле демонстрациите организирани од Месниот комитет на 21 мај 1941 година, по повод пречекот на „Свештениот оган” во Струмица, на пат од Велико Трново до Охрид. Бугарскиот окупатор подготвил голема свеченост во Струмица, на која требало да пристигнат со автомобили високи бугарски државни воени и духовни раководители. Кога колоната пристигнала во градот, доживеала вистинско фијаско, зашто толпата народ ги дочекала со извикување на паролите „Смрт на фашизмот”, „Смрт на шпионите”, и сл. Високите бугарски раководители исплашено се упатиле во зградата на општината, бесни на своите потчинети, барајќи одговорност за ваквиот неуспех.

Кога во септември 1941 година бил формиран Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија, во неговиот состав бил и Благој Јанков-Мучето. Како член на ПК подолго време престојувал во Скопје. Заради организациското зацврстување и забрзаните подготовки за почеток на вооруженото востание, некои членови на ПК биле испратени да работат на терен, како партиски инструктори. Мучето во ноември 1941 година бил назначен како инструктор во Струмица. Летото 1942 година пред да се формира јадрото на Струмичкиот партизански одред се случила провала во редовите на струмичката организација и биле затворени повеќе нејзини членови и активисти.

Еден од затворените бил поштенскиот работник Сандо Масев. Сиот бес за низата неуспеси бугарските агенти и полицајци го истуриле врз него: тортури и измачувања, кои не ги познавала и инквизацијата. Сандо Масев бил измачуван до смрт. Неговиот погреб се одржал на 12 мај 1942 година и на него масовно присуствувал целиот град. Венецот од другарите бил со црвена лента, на која пишувало „Патот на животот е мачен, но славен”.

По втората провала од 5 јули 1942 година биле затворени повеќе членови на струмичката организација, а Благој Јанков бил осуден на смрт во отсуство. Од 1942 година Благој се наоѓал во илегала и во својство на инструктор заминал во Штип. Таму по провалата од 1942 година се зафаќа со реорганизација на Месниот комитет за Штип. Втора задача му била формирање партизански Плачковички – штипски одред. Благој Јанков останува да работи во Штип се до 16-17 август 1943 година кога бугарската фашистичка полиција дошла до податоци дека куќата на Олга Арсова се користи за партизанско движење. Додека траел состанокот на Обласниот комитет, на кој присуствувале Вера Ацева, Љупчо Арсов, Благој Јанков-Мучето, Славчо Стојменски и Мара Минанова, се појавила полицијата. Членовите се поделиле на две групи и со пукање се обиделе да го пробијат обрачот. Во овој судир со полицијата Славчо Стојменски бил смртно погоден, а Мара Минанова фатена. Благој Јанков успеал да избега, иако бил ранет.

По закрепнувањето се зафатил со нови активности: да ја омасови партијата, да воспостави врски со организациите од другите градови, да формира партизански струмички одред, но и народноослободителни одбори, кои, во тој момент биле приоритетна задача за Македонија. Тие одбори како органи на власт биле основа и подготовка за одржување на АСНОМ. Во согласност со директивите од ЦК КПМ бил извршен изборот на делегати за Првото заседание на АСНОМ, а Благој Јанков бил избран како делегат од Струмица. Подоцна бил избран и како член на АВНОЈ под името Благој Минов, но не ги дочекал овие настани.

На 12 јули во 1944 година се случува провала, во која е пронајдено престојувалиштето на Благој. Со пукање го пробил обрачот и се упатил кон струмичкиот рид. Потерата на агентите и полицајците продолжила. На 14 јули бил забележан во Струмица и бил убиен од страна на контрачетникот Манчо Калпаков. До мртвото тело веднаш пристигнал агентот Миле Лазаров, при што и тој испукал неколку куршуми во телото на Благој Јанков-Мучето. На неговата мајка Кумjанија не ѝ било дозволено да го земе телото и да го погреба својот син.

Ноќта, на 14 јули бугарските власти го однесле неговото тело и го фрлиле кај реката Тракајна. Сведок на овој гнасен чин бил Дине Цилев. Тој, откако заминале душманите, го погребал телото на Благој. По ослободувањето на Струмица посмртните останки на Благој Јанков беа пренесени во Спомен-костурница, со свечености како што доликува на човек-херој. Како народен херој беше прогласен на 11 октомври 1951 година. Својот живот и сѐ што имаше овој Македонец ги даде за револуцијата, за слободата на Македонија.

Преземено од: Научна статија „Струмичкиот народен херој“ на Емилија Петковска