Народниот правобранител побара од ИНСТАТ почитување на правата на Македонците во Албанија, кои ги отфрлија резултатите од пописот

Народниот правобранител на Албанија побарал, но не добил одговор од Институтот за статистика (ИНСТАТ) на Албанија во врска со барањето на Македонците од Албанија околу случувањата со пописот на населението минатата година. Албанскиот народен правобранител-омбудсман побарал ИНСТАТ да го гарантира и почитувањето на националната припадност на македонската заедница во Албанија и прикажаните податоци во пописот. „Народниот правобранител беше информиран за проблемите околу пописот и влијанието на бугарските дипломатски претставници, за да се намали бројот на Македонците и околу проблемот со терминот * Македонија за Македонците на албански јазик, што беше само за нас, и ‘северномакедонци’ на англиски јазик од Институтот за статистика во прегледот за резултатите за етничката припадност.“ – изјави Никола Ѓурѓај, претседател на Македонското друштво „Илинден“ од Тирана.

Во одговорот на правобранителот, испратен до Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, меѓу другото, пишува дека е побарано, но не е добиено објаснување од ИНСТАТ во поглед на загриженоста на македонското малцинство дека резултатите од пописот се фалсификувани и изманипулирани, со цел да се намали на бројот на припадниците на македонското малцинство. „Што се однесува до втората причина за вознемиреноста, околу употребата на терминот * Македонија на албански јазик и ‘сeверномакедонци’ на англиски во прегледот за етничката припадност, побаравме од ИНСТАТ да гарантира почитување на националната припадност на македонската заедница.“ – пишува во одговорот на Народниот правобранител.

Претходно ИНСТАТ ја исправи грешката по разговорот на македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски и неговиот албански колега Игли Хасани. Народниот правобранител во одговорот се заблагодарува за искажаната доверба на Македонското друштво „Илинден“ од Тирана како кон институција и додава дека и во иднина, како и до сега, максимално ќе се ангажира во почитувањето на правата на националните малцинства и за заштита на нивните права согласно со меѓународните стандрарди.

Пописот на населението, 12-ти по ред, беше реализиран од 30 октомври до 16 ноември 2023 година. Според резултатите објавени од ИНСТАТ на 28 јуни годинава, попишувачите регистрирале 2.281 Македонец, наспроти 7.957 Бугари. Во сите претходни единаесет спроведени статистички операции не е регистриран ниту еден граѓанин, кој се изјаснил како Бугарин. Бугарите беа активни пред и за време на пописот со агитирања, нудејќи таблети, телефони, пасоши на Македонците во Албанија, за да се изјаснат како Бугари. Пописните резултати околу етничката припадност со заедничка декларација не ги признаа претставниците на осумте малцинствата, освен бугарското. Наспроти сите обвинувања за манипулации и фалсификат, од ИНСТАТ се огласија со тврдење дека пописот бил спроведен според меѓународните стандарди.