„ДУИ ја разгледува можноста за повлекување на нејзините градоначалници од Заедницата на единици на локална самоуправа, која ги координира активностите за работата на општините.“ – дознава ТВ21 од свои извори.
ТВ 21 натаму пишува: „Ваквиот чекор на интегристите може да уследи, бидејќи’„градоначалниците од редовите на оваа партија се заобиколуваат во координациите што ги прави ЗЕЛС’ и оти ‘ЗЕЛС се злоупотребува од политички причини од актуелната Влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ’.“
„Запрашан во врска со ова, Еркан Арифи, градоначалник на Липково од ДУИ, кој е член и на Управниот совет на ЗЕЛС, потврди дека ‘некои градоначалници на ДУИ презеле иницијативи за овие прашања да се разговара во партијата и по можност да се донесе одлука за оддалечување од ЗЕЛС, ако биде констатирана таква ситуација’.“
„Арифи смета дека ‘ЗЕЛС треба да стои настрана од дневната политика’ и да го гледа интересот на општините и подобрување на животот на граѓаните, кои живеат во нив. ‘Секое еднострано дејствување ќе предизвика општ хаос во државата.’ – тврди Арифи.’ – објави ТВ 21.
Инаку, сеедно дали раководството на ДУИ би донело одлука „да ја напуштат ЗЕЛС“, или „да се оддалечат од неа“, таквиот можен, или и испланиран потег, ја отвора дилемата: дали тој би претставувал само „фасада“ за стартот на планот за „поделба на РМ на региони“?! Поконкретно, планира ли ДУИ, всушност, да ја „испразни“ ЗЕЛС од „нивните албански општини“, оние со кои раководат нивни градоначалници, а потоа да ги групира во рамки на планираната „поделба на Македонија на региони“, според кантонално-федерациските модели, применети во Северна Ирска, Белгија, или во Швајцарија?!
Ако ДУИ и навистина ги повлече своите градоначалници од ЗЕЛС, дали тоа би можело да претставува почетна фаза и на спроведувањето на нејзиниот план за есенска политичко-етничка и безбедносна дестабилизација на Македонија?!





