Над 1.000 македонски граѓани жртви на трудова експлоатација, голем дел од нив се деца

Над 1.000 граѓани во Македонија се жртви на трудова експлоатација, а најголем дел од нив се деца, покажува анализата од Бизнис Конфедерацијата од 2017-2023 година. Ова значи дека и луѓето кои доаѓаат од странство да работат тука се соочуваат со тоа да им бидат одземени пасоши, не им плаќаат доволно за завршената работа, лоши услови за пристојна работа и живеење, а има и случаи на трговија со луѓе.



Под терминот трудова експлоатација, се подразбира дека се однесува на трговија со луѓе заради цели наведени како присилен труд услуги, ропство, како и други форми на економска експлоатација кои можат да бидат показатели или да доведат до таква пракса.

Македонскиот работник мора да биде ценет и дома и во странство. Секоја злоупотреба веднаш да се пријави, алармираат надлежните. Студентите пак, кои сакаат да работат чесно, велат дека ќе пријават секаква манипулација, оти не сакаат принудни услуги или практики, слични на слугувањето, пренесе МРТ1.

Бизнис конфедерацијата на Македонија со поддршка на ЕУ покренаа кампања за подигање на јавната свест поврзана со трговија на работници и трудова експлоатација. Најновите извештаи покажуваат дека македонски државјани се жртви на трудова експлоатација во странски земји. Граѓаните се охрабруваат да пријават сомнителни активности и да побараат помош ако се соочат со тоа.

  • Во насока на таа акција организиравме обука во соработка со професорот Јовевски, студентите од Правниот факултет, меѓутоа и со претставници од бизнис-заедницата, синдикатите и невладиниот сектор. Имаме информации дека трудовата експлоатација во земјава, но и во регионот зема замав и може да кажеме дека македонски граѓани работат во странство и се дел од трудовата експлоатација. Меѓутоа има податок дека македонски граѓани се трудово експлоатирани и во земјава, но од соработниците во Министерството за вантрешни работи добиваме податоци дека и странски државјани во нашата земја без оглед на нивната работна дозвола, сепак се жртви на трудова експлоатација“, посочи претседателот на Бизнис конфедерацијата, Миле Бошков.

Додаде дека експлоатацијата најзастапена е во земјоделството, градежништвото, угостителството и туризмот и дека очекуваат дека со заедничка акција и со истакнување на овој проблем ќе се придонесе до одредено зајакнување на свеста и за оние лица кои би можеле да бидат дел од трудовата експлоатација, меѓутоа и на здруженијата да пренесат порака до работодавачите дека ќе мора понатаму етички да постапуваат и да ја намалат трудовата експлоатација.

  • Состојбите доведуваат до злоупотреба на трудот, одземање на пасоши, на слободата, ниски услови за пристоен живот и работа, и она што е најопасното – е органзираната трговија со луѓе, таа трудова експлоатација се состои пред сè од регрутирање, изнаоѓање на тие луѓе, органзиирање, а потоа веќе и наплаќање на трудот. Во една анализа од 2017 до 2023 година за Македонија, преку илјада граѓани од државата се дел на трудова експлоатација. Она што е најзагрижувачко е дека најголемиот број од лицата се деца и жени“, рече Бошков.

Во Македонија, ова е растечки проблем, на кој мора да се посвети поголемо внимание. Најподложни на трудова експлоатација се земјоделството, градежништвото, туризмот и угостителството. Со цел подобрување на состојбите, бизнис конфедерацијата, заедно со експертската јавност организираат работилници преку кои ќе се разменат искуства, кои ќе им овозможат помош на работниците како можат да се заштитат. Денес, над 40 милиони поединци се жртви на модерно ропство, со 24,9 милиони заробени на принудна работа во речиси сите сектори, велат од Меѓународна организација на трудот.