Зоран Заев вечерва ја оствари најавата дека ќе вечера со Јанис Бутарис во Солун, и покрај навредата од солунскиот градоначалник, кој изјави дека македонскиот премиер сам се поканил на дочек на Нова година кај него во Грција.
„Солун прекрасен како и секогаш, пријателски град од соседна Грција. На заедничка вечера со градоначалникот Бутарис разговараме за нештата кои нè поврзуваат, во позитивна атмосфера. Му се заблагодарив за гостопримството и ги споделивме очекувањата за успешна 2018 година“, објави Заев на својот профил на „Твитер“.
„Кога го посетив Скопје во ноември се сретнав со него и тој ми рече дека сака да ја помине Нова година во Солун. Јас му реков да дојде, времето е добро и ќе има убав престој. Како можев да претпоставам дека тој тоа ќе го разбере како официјална покана? Сега разбрав дека 15-сетина пријатели на неговите пријатели резервирале соби во хотелот ‘Македонија палас’. Јас немам врска со тоа. Ако ми се јави, ќе одам да се видам со него. Ако не ми се јави, тогаш тој ќе ја помине ноговодишната ноќ со неговите пријатели“, изјави Бутарис завчера за грчкиот весник „То Вима“.
Останува нејасно само дали двајцата ќе ја дочекаат и Нова година заедно или денешната вечера треба да се толкува како „разумен компромис“.






