Основното јавно обвинителство од Гостивар поднесе обвинителен предлог против едно лице, кое се товари за кривично дело – „загрозување на сигурноста“ согласно со Кривичниот законик. На 29 април во селото Вруток обвинетиот се заканил дека ќе нападне врз животот, или телото на службено лице – судија во Основниот суд во Гостивар. Заканите биле упатени во врска со вршењето на професионалните задачи, кои судијата ги преземал во рамките на своите овластувања.
Обвинетиот влегол во дворот на семејната куќа на судијата, го прашал дали го познава и директно почнал да му се заканува, споменувајќи поврзаност со наводна судска постапка. По заканите, упатени со висок тон, си заминал.
Со обвинителниот предлог надлежниот јавен обвинител достави и предлог за продолжување на претходно определениот притвор за обвинетиот заканувач кон судијата од Гостивар.






