Министерот за европски прашања Орхан Муртезани го посочува најважниот момент од посетата на шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, на Македонија.



„Самиот чин со посетата на регионот и првите пораки дека проширувањето е апсолутен приоритет на нејзиниот мандат мислам дека се најјасните пораки што ние треба да ги сфатиме и врз основа на тоа треба да го придвижиме процесот на евроинтеграции. А најбитниот момент, според мене, е неотфрлувањето на нашиот предлог за уставни измени со одложено дејство од страна на претседателката и тоа е знак дека се создава одреден заеднички простор којшто треба многу внимателно и паметно да се искористи за доаѓање до решение“, изјави Муртезани во „Тема на денот“ на Сител ТВ.

„Тоа што е битно е дека нашите аргументи дека уставните измени не треба да служат само за отпочнување на преговори, туку по отворањето на преговорите процесот не треба да се билатерализира до затворањето, е клучниот аргумент којшто во Брисел сериозно се сфаќа и не е само наше барање. Како што гледаме сега, истиот процес на билатерализација ѝ прави голем проблем на Европската унија во одобрувањето на помошта за Украина. Ова не е проблем којшто ја блокира само Македонија, туку е проблем којшто блокира стратешки интереси на ЕУ, а тоа е ние да станеме нејзин член и Украина да ја добие војната“, додаде тој.

„Мислам дека одредени центри кај нас би биле дури и среќни ако претседателката Фон дер Лаен ја одбие таквата можност. Мислам дека тоа е субјективна интерпретација. Тоа што јас го гледам од денешната средба е силен знак дека ние мора да сме во Европската унија, силен знак дека треба брзо и силно да чекориме кон ЕУ, дека сега е времето за изнаоѓање на решенија“, заклучи Муртезани.