Голманот на фудбалската репрезентација на Македонија, Столе Димитриевски, од денеска и официјално е нов член на шпанскиот гигант Валенсија, за која потпиша до крајот на јуни 2026 година.
„Многу сум среќен, многу среќен што можам да се приклучам на голем клуб како Валенсија и со нетрпение очекувам да почнам“, рече 30-годишниот кумановец. „Од првиот момент кога имаше интерес од Валенсија и од неколку други клубови, ми беше јасно. Бев возбуден што дојдов овде. Го познавам градот, клубот преку пријатели и никогаш не се сомневав дали ќе одам во друга екипа. Отсекогаш сум ја имал Валенсија во мојата глава и еве ме. Го сакам клубот, кој има многу голема историја и ми се допаѓа спортскиот проект на Валенсија, бидејќи расте. Имаат млади играчи кои се многу важни. Клубот и тимот ќе одат нагоре“.
„Како голман се дефинирам себеси како многу сериозен, многу одговорен и самоуверен. Неколку тренери на голмани ми кажаа дека од 27/28 година се чувствуваш сè подобро и подобро и тоа е вистина. Минатата сезона (23/24) беше мојата најдобра сезона во Ла Лига и се чувствувам добро, самоуверено, удобно на голот. Ова се години во кои сум дал најдобри настапи. Секогаш треба да направите уште еден чекор. Сакам да се подобрувам и секогаш давам сè од себе да се подобрувам секој ден“, додаде тој.
„Разговарав со неколку мои пријатели за тоа кога дојдов на ‘Камп де Месталја’ за прв пат пред 6 години. Стадионот е тој што најмногу ме импресионираше. Кога излегов од тунелот ми се допаднаа трибините и ги прашав навивачите и ја знам филозофијата на тоа како размислуваат“, одговори Столе што го привлекло најмногу при првата посета на „Месталја“.
„Тој беше одличен цела сезона. Бараха го знае тимот, момчињата и на крајот тоа многу помага. Покажаа дека можат да играат на високо ниво, со многу млади играчи кои се многу сериозни, одговорни кога е во прашање играта и со помош на клубот и тренерот тоа го постигна. Тоа е многу силен тим во одбрана, многу организиран и офанзивно, со многу одлучувачки играчи“, го „скенира“ својот нов тим Димитриевски.






